Македонската Претседателка беше на прием кај папата Лав XIV и оствари 40-минутен разговор со него.
Гордана Сиљановска-Давкова носеше црн фустан со долги ракави и превез како што налага ватиканскиот протокол за секоја жена која се среќава со римокатоличкиот поглавар, со исклучок на неколку привилегирани припаднички на кралски семејства.






Претседателката ги сподели фотографиите од средбата и од размената на подароците меѓу неа и Лав XIV. Таа доби симбол на Јустиција, кој е „симбол на правдата и говори за вербата дека жените можат да направат многу во светот“.
На Facebook, Сиљановска-Давкова напиша:
Имав чест и привилегија во Ватикан да остварам четириесетминутен срдечен разговор со Неговата Светост, Папата Лав XIV.
Споделивме мислења за неопходноста од реформи во Обединетите Нации, потребата сите да бидат вклучени во решавањето на глобалните предизвици, како и за други актуелни прашања со коишто се соочува светот.
Разговор со човек со ум на математичар, срце на филозоф и душа на духовен водач е искуство што се памети засекогаш. Во него се огледа мудроста на вековите, посветеноста на најранливите и несебичната заложба за мир, правда и реформи во светот.
Со Папата разменивме подароци полни со длабока симболика и порака. Стилизираниот симбол на Јустиција, што ми го подари, е симбол на правдата и говори за вербата дека жените можат да направат многу во светот.
Оваа средба ќе остане врежана во моите мисли како потсетник на вредностите што треба да нè водат: мир, правда и хуманост!
Македонската Претседателка со силни емоции и восхит ја проследи величествената изведба на делото „Македонисимо“, од виртуозот Симон Трпчески, како дел од манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ во Рим.







