Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Наставничката треба да биде втора мајка
Ловец на приказни

Наставничката треба да биде втора мајка

Ги паметите ли вашите наставнички? Мислам на оние од прво до четврто одделение! Јас по убаво ги паметам сите наставнички, но не и мојата прва наставничка. Таа беше пример како не треба да се однесува еден педагог. Заради неа кога бев мала, нозете ми се враќаа назад кога ме носеа на училиште. Таа беше една хистерична жена, која не знае да се справи со сопствениот бес. Повеќето деца се плашеа од неа. Е еееј, да се плашиш од наставничката? Во денешно време тоа е незамисливо.

Наставничка

Еднаш седевме на час и едно мое другарче се измокри в гаќи. Така седеше на столчето и одеднаш вир се создаде околу него. Тоа беше повлечено дете, слабо му одеше учењето и мислам дека беше од сиромашна фамилија. Се гледаше дека има голем страв од наставничката, најверојатно и затоа не кренал рака да ја праша дали може да оди во веце.

Другарката која седеше до него ѝ се обрати на наставничката: „Наставничке, тој... се измоча?“ Детево ја наведна главата, мислам да можеше под клупа и таму ќе се пикнеше, и од срам и од страв. Тогаш таа му пријде како генерал, го удри по глава и почна да се дере: „Како не ти е срам, толкаво магаре да се мочаш во гаќи? Па што не кажеш дека ти се моча, говедо едно! Сега да бришеме тука, да смрди цела училница. Па сите ќе ти се смеат бе!“ Детево се стутка, и почна да се тресе. Таа вика, тој трепери, срцето ми се кинеше додека ја гледав таа сцена. Можам да замислам каква траума му остави наставничката со нејзиниот однос. Еве и јас кога ќе се сетам на овој мој соученик, ми се враќа таа слика.

Наставничката најверојатно не беше свесна колку се плашевме од неа, не беше свесна дека на ова дете му било страв да ја праша дали може да излезе надвор оти таа знаеше и да не те пушти или да те малтретира со прашања зошто сакаш надвор. Еднаш на едно друго другарче му се смееше дека не носи прибор за пишување. Така имаше некоја комична нота во нејзиниот карактер, па како комичарот Чарли Чаплин, го имитираше детето како бриши со прст и се исмејуваше со него. Сите потоа се смеевме, а во суштина бевме среќни дека не сме ние на тапет, туку некој друг.

Жената постојано наоѓаше по некој ученик за да се мајтапи. Посебно тоа го правеше со деца од чии родители немаше интерес, или што доаѓаа од посиромашни семејства. Знам дека родителите на една школска другарка секоја година ѝ правеа ајвар на наставничката и таа иако не беше добра ученичка, имаше посебен третман.

Некои луѓе не можат да проникнат во светот на децата и затоа треба да работат нешто друго, а не да бидат во близина на деца, бидејќи можат да направат само штета. Оти децата кога ќе тргнат на училиште, се млади фиданки. Во тој период учат за односите со другарчињата, за почитувањето и наставничката треба да им биде добар пример, ем да ја почитуваат, ем да им биде како втора мајка.

Никој не сака да биде третиран лошо, децата иако се мали, знаат да препознаат кога некој со нив се однесува лошо или добро. Мислам дека мојата наставничка ја беше згрешила професијата, таа ќе беше одлична комичарка.

На пример мојот син со задоволство оди на училиште, едвај чека. До последен ден ја мразеше градинката, а училиштето го засака од првиот ден. Најзаслужни за тоа се неговите две наставнички, кои со топлина ги пречекуваат децата. Мислам дека јас кога бев ученик, наставничките беа поинакви, си дозволуваа секакви испади. Сега е различно. Тогаш и ги тепаа учениците, особено оние кои беа немирни. Се разбира, и тогаш имаше и добри наставнички кои беа добри педагози. Но сега, децата се полабави и посреќни кога одат на училиште. Секако, знаењето може да се стекне и без насилни методи.

Наставничките треба добро да ја познаваат детската психологија. Ако има проблем, да се обидат да го решат. Ако детето е гневно, да се запрашаат од каде е тој гнев, а не да го казнуваат или да се исмејуваат со него.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10506 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.