Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Не му ги измив рацете на син ми и светот сè уште се врти
За мајчинските работи

Не му ги измив рацете на син ми и светот сè уште се врти

Вчера бевме на гости кај пријатели кои имаат две мали деца. Сценариото е предвидливо – многу бука, трчање, смеење и по некоја солза. Не можев да пазам што сè ќе фати моето дете и си реков еднаш ќе бидам опуштена мајка. По патот кон дома, сонот триумфира над неговите очиња и за жал мама не успеа да ги направи своите вечерни ритуали. УЖАС! Син ми спиеше со немиени раце.

И светот продолжи да се врти.

Си легнав со грижа на совеста, а мојот немирко беше сосема ОК. Моите теории дека ќе му се направи осип од нечистотијата или дека ќе закачи некоја бактерија паднаа во вода, а маж ми доби уште една причина да ме подбуцнува дека претерувам.

Роденден

Дали ние мајките на 21 век претеруваме со хигиената? Влажни марамчиња, 96% алкохол и средства за дезинфекција, перење, чистење, пеглање... Дали не ги ставаме неосновано нашите деца во стаклено ѕвоно за да ги заштитиме од вируси, бактерии, полен, прашина и останати честички кои струјат во воздухот?

Па, зарем ние до вчера не трчавме прекриени со песок на улица со едната рака држејќи го сендвичот, а со другата топката, која претходно посетила неколку соседни улици? Зарем ние не ги јадевме смоките од на земја за да не одат фира? Зарем ние не го делевме сендвичот со другарчето без да размислуваме колку бактерии или вируси ќе ни пренесе тоа со каснувањето на залак?

И светот сè уште се вртеше.

Треба да престанеме со опсесијата да им ги миеме по илјада пати рацете на нашите деца и да ставаме штит пред сè што има потенцијал да пренесе бактерија на нив. Од искуство ви кажувам дека чистотата нема да трае подолго од пет минути (кај нас се пет секунди).

Треба да престанеме да се трудиме сè околу нашите малечки да биде чисто, алиштата беспрекорно испрани и испеглани, цуцлите и шишињата неколкупати дневно дезинфицирани. Ништо од тоа не е толку важно колку моментите што ги пропуштаме. Моменти кои нема да се вратат.

Ти ќе бидеш добра мајка и ако прескокнеш да му ги измиеш рацете на твоето дете за да го научиш да брои до десет. Ако не ја испеглаш долната облека за да му ја испееш омилената песна. Ако не го изрибаш килимот за да му го стуткаш омиленото јадење, а потоа да го набљудуваш како слатко го јаде.

Живеј го секој ден како да ти е последен. Сигурно не би сакала да го поминеш со пеглата или џогерот в рака. Побрзо би посакала да го прошеташ своето дете во паркот, а потоа да го гушкаш додека не ти заспие во прегратка. На крајот да го спуштиш на креветот за да можеш да го гледаш додека спие.

Денес те предизвикувам да не мислиш на гнасните раце на твоето дете, на валканите играчки кои тоа ги допира до устата или на тоа дали боичките со кои боите во сликовницата се токсични или не. Внеси се во игрите кои ги смислувате со твоето ангелче, во цртежите кои ги цртате, во песничките кои ги пеете.

Светот сè уште ќе се врти и ќе ти биде многу поубав.

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11084 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.