Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Еден ден, кога ќе ми ја пуштиш раката, сакам да знаеш...
За мајчинските работи

Еден ден, кога ќе ми ја пуштиш раката, сакам да знаеш...

Децата растат брзо, го пишувам ова со солзи во очите. До пред неколку часа ги собирав летните алишта на син ми, знаејќи дека никогаш повеќе нема да му ги облечам. Мирисот на бебе, кој некогаш ми беше како најсилна дрога, го спакував во кесите за вакумирање. Сакам да остане запечатен таму засекогаш. Сакам еден ден да можам да ја отворам вреќата и да му речам, еве вака мирисаше твоето главче.

Мајка и дете

Бебешкото столче, игралната... сè е сега уредно спакувано и наредено во визбата, а јас не можам да се помирам со фактот дека моето бебе веќе не е бебе. Дека уште малку ќе му ја дувне низ вратата со другарчињата, оставајќи ме цел ден да копнеам по неговата прегратка. Еден ден, ќе ми ја пушти раката и никогаш повеќе нема да му биде потребна.

Тогаш мое дете сакам да знаеш:

Мислам на тебе. Ти сигурно нема да мислиш на мене кога ќе лудуваш со другарчињата, кога ќе пиеш на шанкот со пријателите или кога ќе меркаш нова женска, но јас ќе мислам. И ќе те чекам на каучот да се вратиш за да видам дали си среќен, дали си имал убава вечер или некој те изнервирал. Можеби нема да ти речам ништо или ќе те изнервирам со моите прашања за тоа како си помина, но знај дека во секој момент ја држам твојата рака и мислам на тебе.

Се плашам дека некој ќе те повреди. Кожата ми се ежи за секоја драсканица в градинка, а знам дека тоа е неизбежно кога има многу деца на едно место. Замисли колку се потресувам кога ќе помислам дека еден ден ќе треба да те пуштам сам да го истражуваш светот, да научиш скапоцени лекции од уништените пријателства, од луѓето кои ќе те повредуваат и ќе ти го кршат срцето. Ќе ме боли, но тоа ќе нè направи посилни и двајцата.

Верувам во тебе. Заедно учевме, заедно растевме, заедно стекнувавме добри навики, а сега е твој ред да ги примениш. Биди најдобрата варијанта од себе, јас верувам во тебе.

Сакам да учам заедно со тебе. Потпри се на мене кога не можеш да го научиш урокот или кога математичките задачи ќе ти бидат прекомплицирани. Довери ми се доколку имаш нерешлив проблем или кога животот те става во тешки ситуации, сакајќи да те научи на нешто. Јас секогаш ќе сакам да учам лекции заедно со тебе.

Ја почитувам твојата приватност. Мајките се радознали, се надевам нема да ми се лутиш за тоа. Но, ти ветувам дека нема ни да допрам до катчињата од твојот живот кои сакаш да ги скриеш зад завесата. Колку и да ме копка да ѕирнам што има во нив.

Те поддржувам. Животот не е рамнина или мирно море по кое ќе пловиш секогаш. Ќе има кривини, подеми, падови, дупки, трња и бранови, но ти си посилен од нив. Можеш да ги надминеш. Секогаш ќе ја имаш мојата поддршка и помош.

Животот е прекраток за да ги одминуваш задоволствата кои тој ти ги нуди. Патувај, пробај ја играта која ти влева несигурност, смеј се на добра шега, скокај во авантури, уживај во добрата храна, насладувај се на аромата на кафето, наздравувај за новите познаници, слави со старите пријатели и прегрнувај ги семејните собири. Живеј го животот, но што и да правиш, јавувај ми се за да ти го слушнам гласот.

Јас никогаш нема да ја пуштам твојата рака. Ти еден ден ќе станеш голема личност, но за мене секогаш ќе бидеш моето малечко.

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9461 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.