Во земјата на чудата

Мажи!

Признавам дека има моменти кога посакувам да бидам маж, само на еден ден. Да го видам светот од нивна перспектива и да видам дали навистина сè е толку едноставно колку што си замислувам.

Мажите размислуваат многу едноставно, или како што јас милувам да кажам „праволиниски“. Тие не се замараат со размислување и анализирање дали некој го мислел она што го кажал, или пак мислел нешто поинаку, дали треба да прочитаат меѓу редови, или пак да се бара одговорот во нечие молчење. Верувам дека затоа и често кога им се лутиме, немаат поим за што се работи, иако само малку ако размислат, ќе им стане јасно. Очекуваат дека ако нешто не ти одговара – ќе им кажеш. А нам таквиот однос ни создава главоболки, затоа што многу често сме несфатени!

Мажите не се мачат со депилации, не губат време на шминка и фризури, не се замараат со тоа дали имаат здрави хулахопки или сите ги скинале и не си го отежнуваат одењето со високи потпетици. Никогаш не би купиле чевли ако не им се удобни, а плускавци речиси и не знаат што се. Нивното дневно разубавување во просек трае 5 минути – чешел, можеби малку гел и евентуално бричење, кај повеќето не секој ден. Па кој е тука поубавиот пол?!? Ако сме ние, не треба ли тие да се трудат малку повеќе, а не ние?

Маж и жена

Кога ќе размислам, и подобро е што е така. Во последно време се „размножија“ метросексуалци – мажи кои на изгледот му посветуваат посебно внимание. Одат на фризер, пардон, „стилист“, педикир, маникир, па и депилација и посебно внимаваат на изборот на гардероба. Не знам, можеби сум старомодна, ама овие мажи некако не ги разбирам. Прво, никогаш не сум на чисто дали се хомосексуалци, и второ, можејќи да поминат со многу помалку и пак да им бидат привлечни на жените – зошто би се замарале толку?

Мажите немаат проблеми со свекрвите! Добро, тие немаат свекрви, но немаат проблеми со родителите на сопругата. Прво, затоа што размислуваат едноставно, па не мислат дека зад зборовите на нивната мајка има некоја навреда насочена кон нивната љубена, или пак обратно, иако тоа на прв поглед не изгледа така. Второ, затоа што ја немаат таа потреба тие да водат грижа околу домаќинството, да го уредуваат и средуваат домот и да се грижат околу семејството. Немаат потреба да се докажуваат некому на оваа тема, па никогаш нема да ги сфатат односите помеѓу нивната мајка и нивната сакана. И не само за домаќинството, туку и за тоа која го има главниот збор кај „саканиот“ или „маминото синче“. Едноставно, не можат да сфатат како се чувствува нивната мајка кога одеднаш целата грижа околу нивното „синче“ треба да заврши и некоја друга жена сега знае што е подобро за него од неа!

На мажите не им полудуваат хормоните еднаш месечно. Иако тој период изгледа како тие да се оние обесправените, што нè трпат, не е сè така како што изгледа. Да се разбереме, ако е тешко за оние околу тебе, ПМС-от е уште потежок за тебе, кога гледаш дека не се однесуваш како што треба, ама не можеш да го контролираш однесувањето, посилно е од тебе!

Едноставно, мажите се замараат многу помалку од нас жените. Секогаш ние сме тие што се покомплицирани, тешки за сфаќање, и проблематични во односот со нивната мајка – без никаква причина. Најчесто нивната главна грижа е поврзана со освојување на девојка или грижа да се обезбеди приход за семејството – како остаток од нивната традиционална улога на ловци, кои имаат задача да го прехранат семејството. Тоа е навистина тешка задача, но денес веќе не е само нивна, туку и наша грижа, затоа што една плата не е доволна за основните потреби на едно семејство.

Ете, затоа сакам да сум еден ден маж, да видам дали нè перципираат како комплицирани и мистериозни суштества на кои крајот не им се наоѓа. Ме интересира дали навистина толку е тешко да се прочитаат нашите потреби, или пак само се преправаат дека е така, затоа што така повеќе им одговара.

Ама само на еден ден, само за да ги разберам. Никогаш не би се откажала од комбинацијата на ранлива надворешност, а внатрешна цврстина која карпи урива. Ниту пак од мајчинската љубов која е само наша привилегија. Ниту пак од полниот плакар или пак чевлите во разни бои и со различна висина. Ниту од грижата за домаќинството и семејството, иако работните обврски прилично ја отежнуваат.

Можеби може да се научи нешто корисно и од мажите, но сепак, колку и да делуваме комплицирано, верувам дека ќе се согласите дека да се биде жена е прекрасно!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11605 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.