ВИДЕО: Димитар Андоновски со сопругата во спотот за новата песна „Губам контрола“ снимен во Солун
По подолга пауза од активни настапи, Димитар Андоновски се враќа со нова музика.
Во етерот е неговата нова песна „Губам контрола“, заедно со официјален спот кој носи позитивна енергија.
Во видеозаписот снимен во Солун, Димитар се појавува заедно со неговата сакана сопруга Христина.
Песната е авторско дело на Димитар, кој ги потпишува музиката и аранжманот, додека текстот е на Магдалена Цветкоска - Ена. Видеоспотот е во режија и продукција на Јани Патче од Битола.
„Сакав да создадам песна што буди добро расположение, лесно влегува во уво и шири позитива. Мило ми е што со 'Губам контрола' повторно ја споделувам мојата музика со публиката. Наскоро ќе биде достапен и мојот официјален веб-сајт каде што на едно место ќе бидат собрани сите мои песни, видеа, соработки и настапи, како и проектите поврзани со мојата работа како музички продуцент и автор на поп, театарска и филмска музика“ - вели тој.
„Губам контрола“ е само почеток на новото музичко поглавје на Димитар, од кого во периодот кој следува публиката може да очекува нови авторски песни, но и интересни соработки со други колеги од естрадата.