„Вечно ќе живееш брате мој“: Тапанарот Џоко од ДНК кој почина во „Пулс“ доби спомен-биста во Струмица
Струмица со многу емоции му оддаде почит на својот сограѓанин Ѓорѓи Ѓоргиев – Џоко, тапанарот на групата ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На неговиот роденден, во градскиот парк во Струмица беше откриено спомен-обележје посветено на Џоко и на сите жртви од трагедијата која ја зави Македонија во црно.
Споменикот е во форма на тапан, симбол на големата љубов на Ѓорги кон музиката и инструментот кој беше неразделен дел од неговиот живот. На него се поставени 64 ѕвезди, како симбол на згаснатите животи во трагедијата.
„Вечно ќе живееш, брате мој. Гордост моја. Те сакам. Среќен небесен роденден“ – напиша неговиот брат на Instagram.
Во претходна објава тој сподели:
Денес требаше да наполниш 26 години, брате мој... 💔
Наместо да ти честитам роденден и да те гледам како се смееш, денес те барам во спомените и во секоја песна што ќе ја слушам.
Ти не беше само мој брат... ти беше мојата гордост, мојата сила и човекот кој со своите тапани знаеше да внесе живот и радост каде и да се појавеше. 🥁❤️
Денес твоите 26 години ќе ги славевме заедно, но животот ни ја остави само тишината и спомените. Секогаш ќе ми недостигаш. Секогаш ќе те носам во срцето. И додека чука моето срце, ќе живее и споменот на тебе.
Среќен 26-ти роденден, брате мој. 🤘🕊️
Таму каде што си, нека одекнуваат тапаните како што некогаш одекнуваа во твоите раце.
Те сака твојот брат.
До повторно видување...
Особено емотивен момент беше кога братот на Џоко затропа на неговиот тапан, заедно со уште седум тапани кои силно одекнаа низ градскиот парк во Струмица. Тие свиреа во чест на покојниот тапанар и на сите оние чии животи згаснаа во трагичната ноќ во Кочани.
Иницијативата за подигање на спомен-бистата произлегла од другарите и колегите на Ѓорги, а во нејзината реализација се вклучиле бројни луѓе кои преку донации помогнале за идејното решение, изработката и уредувањето на просторот во паркот.
Во чест на младиот музичар настапија и струмички артисти со кои Џоко соработувал во текот на својата музичка кариера.
На откривањето на спомен-обележјето му претходеше марш на починатите ангели. На настанот присуствуваа родителите Зорица и Драги Ѓорѓиеви, неговиот брат Димитар, семејства на жртвите, роднини, пријатели и голем број граѓани.
Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, сподели фотографии од настанот на социјалните мрежи.