Трагедија: Почина 22-годишната Мис Австрија, од раѓање се борела со тешка срцева маана и поминала низ 7 операции
Австрија е потресена од веста за прераната смрт на 22-годишната Луција Шишиќ, младата манекенка која во 2024 година ја освои титулата Мис Австрија.
Луција починала поради срцев застој, а зад нејзината препознатлива насмевка се криеше долгогодишна и тешка животна борба.
Убавата девојка со босанско потекло имала вродена срцева маана, односно проблем со срцевите залистоци, поради што во текот на животот морала да помине дури низ седум операции на срцето.
Првата операција била извршена веднаш по нејзиното раѓање, а последната кон крајот на 2025 година.
За својата здравствена состојба Луција отворено говорела и по освојувањето на титулата Мис Австрија. Таа раскажала дека на 13-годишна возраст за време на една од операциите морале да ја реанимираат, а по компликациите поминала пет месеци во болница и повторно учела да оди.
„Моето детство едноставно беше поинакво, но тоа ме направи посилна. Не сакам луѓето да ме сожалуваат, туку сакам да им дадам храброст на другите“ – рече тогаш Луција.
И покрај сите здравствени предизвици, таа продолжила да ги остварува своите соништа. Во јануари 2024 година ја освоила титулата Мис Виена, а неколку месеци подоцна била прогласена и за Мис Австрија 2024.
Бидејќи по нејзината победа не бил одржан нов избор, Луција ја задржала титулата до нејзината смрт.
Луција е родена во Виена, но нејзиното семејство потекнувало од Босанска Посавина. Иако пораснала во Австрија, Луција често истакнувала колку е горда на своите корени.
Веста за нејзината смрт ја објави семејниот пријател Мирослав Пиплица, кој се збогувше со младата мисица со емотивна порака.
🕊️ ЗАМИНА НАШАТА ЛУЦИЈА, ПРЕРАНО И ЗАСЕКОГАШ 🕊️
Со голема тага и неверување ја примивме веста за заминувањето на нашата драга Луција Шишиќ.
Луција беше девојка со исклучителна убавина, но пред сè млада личност чии насмевка, добрина и топлина оставаа трага во срцата на луѓето кои ја познаваа. Со својата убавина ја освои титулата Мис Виена, а потоа, во 2024 година, и титулата Мис Австрија.
Таа беше гордост на своите родители, кои потекнуваат од нашата Посавина, како и на целата хрватска заедница во Австрија. Нејзините успеси беа причина за радост и гордост, но она по што најмногу ќе ја паметиме е нејзината човечност и ведрина.
Денес сите зборови се премали пред болката на нејзините родители и семејството. Не постои поголема тага од загубата на дете. Во овие најтешки моменти сакаме да им изразиме најдлабоко и најискрено сочувство и да им порачаме дека не се сами. Нашите мисли и молитви се со нив.
Драга Луција, прерано замина, но споменот на тебе засекогаш ќе остане меѓу нас. Нека милостивиот Бог те прими во своето царство, а на твоите родители и семејството нека им подари сила да ја издржат оваа неизмерна болка.
Почивај во мир Божји, наш ангелу. 🕊️
Луција не дозволувала нејзината здравствена состојба да биде причина некој да ѝ дава предност или да ја гледа со сожалување.
Пред изборот за Мис Виена таа открила дека никој од жирито не знаел низ што поминала.
Не сакав жирито да биде наклонето кон мене поради мојата болест – рекла таа.
Без разлика дали ќе бидам Мис Виена или Мис Австрија, сакам да им дадам храброст на децата кои минуваат низ нешто слично и да им помогнам. И сакам да им се заблагодарам на сите лекари на кои им го должам животот – додала таа.