„Совршенството е досадно, а лузните се доказ дека си живеел“: Драган Спасов-Дац со порака за помладата верзија од себеси
Драган Спасов-Дац се наврати на животот во своите дваесетти години и напиша порака за помладата верзија од себеси.
Тој објави и фотографија на која „го прегнува“ младиот Дац и му порача: „Совршенството е досадно, а лузните се доказ дека си живеел“.
Еве ја неговата порака во целост:
Како би се обратил постариот ЈАС на помладиот ЈАС. Ако би било можно...
Млад мој Дац,
Застани за момент и послушај ме. Ова ти го зборува човекот кој станав благодарение на сè она што ти допрва ќе го поминеш.
Секако дека би сакал да те осоколам и да те предупредам за некои мои грешки. Не беа тоа кобни падови што целосно го менуваат текот на животот, но сепак беа доволни за да го поместат во некоја нова насока. Насока која, верувај ми, со тек на време ќе научиш како да ја исправиш. На грешките се учи, момче мое. Така се кали човекот. И знаеш што? Сосема искрено ти признавам, некои од тие грешки со задоволство би ги повторил пак! Каков е тој човек што не направил ниту една утка во животот? Дали воопшто постои таков? Совршенството е досадно, а лузните се доказ дека си живеел.
Мојот живот е само мој, но и на оние кои се во секој момент покрај мене. Нашата мисија е едноставна: на сите да ни биде убаво. И денес, од оваа временска дистанца, со гордост ти кажувам дека тоа е навистина така. Мислам дека успеавме.
Затоа, мал мој Дац, терај го животот со крената глава! Диши со цела сила, со најполни гради и грабај го секој миг како да е последен. Не дозволувај деновите да ти поминат онака, неми во минливоста, како воопшто да не си бил тука. Остави трага. Сакај, греши, поправај и живеј ја секоја секунда со целото свое срце!
Постариот Дац
(Сликата е монтажа од мене и мене. 😊 кога имав дваесетина години)