Сонот на Фросина Кулакова продолжува: Нејзините креации ќе оживеат на модна ревија во Скопје
Приказната за Фросина Кулакова продолжува да живее преку нејзините креации, кои повторно ќе добијат можност да заблескаат на модната писта и да го доближат нејзиниот уникатен свет до публиката.
На 19 октомври, во рамките на отворањето на Top Model Europe Balkans Semi-Final, ќе биде официјално претставен брендот ARE U KUL by Frosina Kulakova, со модна ревија на колекцијата „Spiral of Light“.
Публиката ќе има можност да види 16 оригинални модели создадени од Фросина, како и уште еден специјален модел, дизајниран во нејзина чест од Сара Коневска, првата стипендистка на Фондацијата „Фросина Кулакова“.
Седумнаесетте креации се потсетник на креативноста, смелоста и слободата со кои Фросина ја доживуваше модата, но и симбол на можноста нејзината љубов кон создавањето да продолжи да инспирира нови генерации млади дизајнери.
„Spiral of Light“ го чува автентичниот поглед на Фросина кон модата – свет во кој фантазијата нема граници, а секој детаљ е можност да се изрази сопствената индивидуалност.
Особено значајно е што оваа приказна не завршува со зачувувањето на нејзините дела. Преку Фондацијата „Фросина Кулакова“, љубовта кон модата на младата дизајнерка се претвора во конкретна поддршка за новите таленти, нивното образование и нивниот професионален развој.
Токму моделот создаден од Сара Коневска ја носи таа порака. Како прва стипендистка на Фондацијата, таа добива можност да го развива својот талент и да го направи следниот чекор кон остварување на сопствениот сон. Во нејзината креација симболично се среќаваат наследството на Фросина и надежта на една нова генерација дизајнери.
Зад реализацијата на оваа модна приказна стојат и луѓето кои со посветеност се грижат делото на Фросина да продолжи да живее. Семејството на Фросина упати благодарност до Душица Шалева и Top Model Europe Balkans за просторот кој им го отвораат на младите таленти, до дизајнерката Ирина Тошева за реализацијата на колекцијата и до Пенита Арсова за графичката подготовка.
Модната ревија ќе се одржи на 19 октомври 2026 година, со почеток во 18:30 часот, во Музејот на македонската борба во Скопје.