„Сон ми е да бидам дел од ревијата на Victoria’s Secret“: Андријана Илиоска за модната кариера која ја одведе до Милано, Париз и Кина
Некои соништа се раѓаат уште во детството, а со многу труд, храброст, посветеност и верба во себе, еден ден стануваат реалност.
За Андријана Илиоска, љубовта кон модата започнала на само 14-годишна возраст, а денес, повеќе од една деценија подоцна, таа чекори на модните писти во Милано, Париз, Лондон и Кина, соработува со светски познати дизајнери и го живее животот за кој некогаш само мечтаела.
Атрактивната Македонка неодамна беше дел од Париската и Миланската модна недела, каде дефилираше на ревии за врвни брендови, потврдувајќи го своето место на меѓународната модна сцена.
За Фемина, Андријана искрено раскажува за својот моден пат, искуствата коишто ја изградиле, жртвите кои ги носи оваа професија и соништата кои допрва сака да ги оствари, меѓу кои и да биде дел од ревијата на Victoria’s Secret.
Како започна твојата модна приказна? Дали манекенството беше твоја амбиција уште од детството или кариерата се развиваше спонтано?
Љубовта кон моделингот ја имам од најрана возраст, а мојата прва фотосесија беше на мои 14 години. Тогаш првпат бев на кастинг и бев одбрана да бидам заштитно лице на детското списание „Наш Свет“. На кастингот се пријавив сама и во конкуренција од повеќе од 50 девојчиња, бев избрана да бидам заштитно лице во текот на целата година.
Неодамна чекореше по пистите на Миланската и Париската модна недела. Како дојде до престижните ангажмани?
На модната недела во Милано учествувам веќе неколку години наназад. Пред 4 години бев дел и од модната ревија на светски познатиот бренд Moncler. Оваа година, повторно бев повикана од мојата агенција во Милано и бев дел од ревијата на брендот QIFEI. Од друга страна, модната недела во Париз беше нешто ново за мене. За прв пат чекорев по пистите на Paris Fashion week и соработував со светски познати дизајнери како што се: Kobi Halperin, Aleen Sabbagh и Fjolla Nila. За овие настани бев ангажирана преку мојата матична агенција која што се наоѓа во Милано.
За кои дизајнери носеше креации во Милано и Париз? Која ревија ти остави најсилен впечаток?
Секоја ревија има свое значење и остава посебен впечаток, па тешко е да издвојам само една. Сепак, како омилена би ја издвоила ревијата на Aleen Sabbagh, бидејќи тоа е дизајнерка чија работа ја следам долго време. Нејзините фустани се оние што секоја девојка би посакала да ги носи. Премногу ми се допадна фустанот што го носев јас, па целото искуство ми беше навистина посебно.
Милано и Париз се две светски модни метрополи. Забележа ли разлика во атмосферата, организацијата и начинот на работа?
Милано и Париз се два различни света, и токму тоа ми се допаѓа кај нив. Милано го доживувам како град на елеганцијата, кројот и италијанската софистицираност, додека Париз има посебна уметничка енергија и повеќе експериментален пристап кон модата.
Во Милано модата ја чувствувам како нешто безвременско и префинето, а во Париз како форма на уметност и личен израз. Организацијата на двата настани беше на врвно и професионално ниво. Како модел, убаво ми е да ги искусам двата града, бидејќи секој носи различна енергија, инспирација и искуство.
Како изгледа еден твој ден за време на Модната недела? Што се случува зад сцената, далеку од гламурот на пистата?
За време на Модната недела деновите ми се навистина исполнети и речиси воопшто немам слободно време. Имам многу кастинзи, фитинзи и ревии, па постојано сум во движење. Секој ден изгледа различно врз основа на тоа какви обврски имам баш тој ден. Кога имам кастинзи, денот ми почнува рано наутро. Ако бидам избрана за некоја ревија, следуваат фитинзи, односно пробување на облеката што треба да ја носам на пистата, што некогаш знае да трае и цел ден. На самиот ден на ревијата започнуваме рано наутро, прво почнуваат подготовките за шминка и фризура. Потоа следуваат повеќе проби и генерални подготовки пред самото шоу. Кога конечно ќе започне ревијата и ќе излеземе на писта, тоа е моментот кога сè за што сме работеле се реализира.
Иако понекогаш целиот овој процес знае да биде напорен, искуството е прекрасно и возбудливо, бидејќи секој ден носи нешто ново.
Конкуренцијата во светската модна индустрија е огромна. Колку е тешко да се добие ангажман на престижна ревија и што е пресудно за еден модел да биде забележан?
Точно така, конкуренцијата е преголема, и во текот на модната недела најбитните модни случувања се токму во тој град. Во мојов случај, прво Милано, па после Париз.
Па така сите модели патуваат од еден град во друг, и тоа ја прави конкуренцијата уште поголема и шансите да бидеш букиран за некоја ревија уште помали. Сепак сметам дека доколку тоа што еден дизајнер го бара си токму ти, тогаш ќе бидеш избран без разлика на тоа колкава е конкуренцијата. Јас секогаш стојам на тоа дека еден модел секогаш треба да биде во најдобра форма, да биде задоволен од тоа како изгледа и како се чувствува и токму таа енергија ќе помогне да биде забележан од дизајнерите.
Кој е најнепредвидливиот момент кој си го доживеала непосредно пред ревија? Како се справи?
Можеби сум имала среќа, но досега, во мојата 10-годишна кариера не сум имала некој непредвидлив момент непосредно пред ревија. Нешто слично се случи на оваа модна недела во Милано, каде што додека го менував вториот аутфит за моето второ излегување на ревија, се скина ремчето на штиклата, но за среќа имавме доволно време да смениме други штикли, па затоа избегнавме таа ситуација да биде непријатна.
Дел од твојата кариера се одвиваше и во Кина. Какво искуство понесе оттаму и по што се разликува азискиот моден пазар од европскиот?
Токму така, во Кина за првпат отидов во 2023 година, каде што останав и работев 6 месеци. Од тогаш, па навака одам секоја година по минимум 3 месеци. Кина е маркет којшто за разлика од Милано и Париз е малце по комерцијален, па токму затоа одлично се вклопи во моето портфолио. Пазарот во Азија се разликува од Европскиот пазар по тоа што таму сè се случува пребрзо и јас таму имам ангажмани буквално секој ден. Така да моето искуство во Кина беше одлично.
Манекенството подразбира чести патувања, неизвесност и динамично темпо. Колку е предизвикувачки да се одржи рамнотежа меѓу кариерата и приватниот живот?
Јас секогаш велам, секоја работа си има своја тежина, и сметам дека во мојата работа токму тоа е тешкиот и предизвикувачкиот дел. Да се патува често и да се биде оддалечен од семејството и пријателите. Жртвата којашто ја давам за да можам да го работам тоа што го сакам е токму тоа, да бидам сама во овој процес и да не ги гледам моите сакани подолго време. Но, јас ова го работам повеќе од 10 години и сметам дека одлично го балансирам мојот приватен живот со мојата работа, па сите слободни денови ги користам да се вратам дома и да поминам време со најблиските.
Кои модни соништа допрва сакаш да ги оствариш? Со кој дизајнер или модна куќа посакуваш да соработуваш?
Пресреќна и преблагодарна сум што можам да кажам дека речиси сè што сум сонувала, веќе ми се остварило. Мојот следен чекор е да продолжам да се развивам како модел и да работам на тоа да заминам во Америка. А кога станува збор за мојот најголем сон, тоа е еден ден да бидам дел од ревијата на Victoria’s Secret.
На кој момент од досегашната кариера си најгорда? Што би ѝ кажала на Андријана од почетоците, кога сè уште ги правеше првите чекори во светот на модата?
Искрено не би можела да одвојам еден посебен момент, можам само да кажам дека сум горда на сè ова што го правам, но и начинот на кој што го правам. Горда сум што работи за коишто сум сонувала пред неколку години сега се моето секојдневие, брендови коишто сум ги гледала на телевизија се брендови со коишто соработувам и дестинации коишто сум сакала да ги посетам се веќе дестинации на коишто сум била повеќе пати.
На Андријана од почетоците би ѝ рекла да верува во себе, дури и во моментите кога другите сè уште не го гледаат нејзиниот потенцијал. Да продолжи да го прави тоа што го прави, да не се плаши од одбивања, затоа што секое „не“ не значи дека не е доволно добра, туку дека можеби едноставно не е вистинскиот момент или вистинското место за неа. Да биде трпелива, да работи на себе и никогаш да не дозволи туѓото мислење да ја натера да се откаже од своите соништа. И најважно, би и рекла дека еден ден ќе застане на модните писти за кои денес само сонува и ќе сфати дека секој чекор, секое разочарување и секоја жртва вределе.
Што би ги советувала девојките кои планираат да зачекорат во модниот свет? Што би сакала некој да ти кажеше тебе на почетокот?
Мојот совет е да веруваат во себе, да бидат упорни и да не се откажуваат по првото „не“, бидејќи одбивањата се дел од оваа професија. Моделингот не е само убавина, туку и дисциплина, трпение, професионалност и многу работа на себе. Најважно е да бидат свои, да не се споредуваат со другите и да не дозволат некој да им ја намали самодовербата. Исто така, многу е важно да ги изберат вистинските луѓе со кои ќе соработуваат и да не брзаат, бидејќи секој има свој пат и свое време за успех.
Емилија Ристиќ / Femina.mk