Со години трагала по вистината за брат ѝ кој исчезнал од дом: Силвана Ивановска со потресна исповед – „Докторот му го распарчи стомакот“
Силвана Ивановска ја трогна јавноста со својата животна приказна. Македонката, која денес живее во Мелбурн и работи како дипломат, има минато исполнето со тешки искушенија, разделби и потрага по вистината.
Во гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров, Силвана отворено зборуваше за детството, за периодот поминат во домови за деца без родителска грижа и за најголемата животна болка – исчезнувањето на брат ѝ Александар, со кого била исклучително блиска.
Силвана и Александар растеле во домови за деца без родителска грижа, иако нивните родители биле живи.
Во 1998 година, кога Силвана била во четврто одделение, нејзиниот брат, кој бил само една година помлад, исчезнал од домот. Едно утро таа забележала дека го нема и почнала да прашува каде е.
Одговорите кои ги добивала не ѝ давале објаснување, а надежта дека повторно ќе го види не ја напуштала.
Александар исчезнал кога таа имала 11 години, а тој само 10.
Еве ја нејзината исповед:
Еден ден брат ми го снемува. Утредента јас не го гледам, не е во соба и прашувам каде е брат ми... Зборувам по мое сеќавање, бидејќи јас сум четврто одделение тогаш. Ми велат: „Ќе дојде, ќе дојде...“ Јас го барам, бидејќи бевме многу блиски, многу, многу. Ова е 98-ма година.
Брат ми се жалеше на болки во стомакот...
Цел живот трагам каде е брат ми. Цел живот го барам.
Последен пат го гледам вечерта, утредента го нема и го барам каде е и го нема. Поминаа денови...
Имаше едни што сакаа да го посвојат. Тие дојдоа во домот и требаше согласност од родителите, зашто не се одземало родителско право, тие биле старатели. Знам, тогаш првпат го видов татко ми, го донесоа во домот. Тој викаше: „Не го давам детето“, тоа го памтам. Јас избегав од татко ми.
Поминува некое време и него го снемува после некое време од ова. И јас напорна, постојано одам кај таа директорката: „Кај е брат ми? Кај е брат ми?“, значи како навиена бев, не се откажував.
Таа ми рече: „Ќе дојде“. Јас прашувам: „А јас може ли да одам кај што е тој?“, а таа ми рече: „Не може“.
После некое време, ми рече: „Брат ти е посвоен“. Јас пак го барав, а таа ми рече: „Брат ти е починат“, тоа го памтам, а јас не знаев што е тоа. И одеднаш сите беа добри со мене... Поминуваат години, брат ми го нема.
И кога бев седмо одделение, почнав некако да ги разбирам работите. И како: „Нема да се врати отиден е“. Ај, викам: „А јас да одам таму?“, „Не може таму да одиш“.
Поминува време, време, време... Јас запишувам факултет, сакам да научам, да истражам каде е брат ми, дали е посвоен, дали е починат, дали е жив.
Јас најдов мајка ми, ја прашував за брат ми, менуваше тема и толку...
Јас се вработувам веќе во МНР и барам да одам да направам увид во документите во „11 октомври“. Одам таму, ми викаат не постоел таков. Како, викам, не постоел? И тогашната директорка ме брка... и повеќе не стапнувам во домот.
Пред да одам во Мелбурн... на една средба во парламент со Жаклина Пешевска, ѝ викам: „Леле Жаки, јас да ти кажам по што трагам и што ми се случи“ и ѝ го раскажувам сето ова што го поминувам. „Чекај“ ми вика, се јавува на едно место, ми даваат пристап до одредени информации.
Јас одам во домот, тогашната директорка Розе, Бог да ја прости, ја вика медицинската сестра, ми даваат листа на сите коишто биле на операција на брат ми, на сите доктори... Ми викаат само еден од тука да не го контактираш... Сè ми кажуваат.
Однесен е на операција, го оперирал доктор кој е починат. После докторот губи лиценца за оперирање. Останува доктор ама никогаш повеќе не смее да оперира.
Операцијата била од слепо црево... Другиот стажант што бил, ми рече: „Му го распарчи стомакот. Медицинската сестра и тој“...
Фатил сепса после тоа. Значи ова е според документи, не зборувам напамет. За жал, испадна најлошото можно сценарио што можев да го откријам.
Јас отидов и кај докторот иако ветив дека нема да го контактирам. Откако му кажав, докторот веднаш прифати да се сретнеме. Со солзи во очи ми рече: „Памтам. Го памтам детето, памтам во кој кревет лежеше“. Вика: „Кога го видов, си помислив: ‘Колку може да немаш среќа во животот да бидеш дете од дом и тој доктор да те оперира?’“
Целата приказна на Силвана: