Скопје блесна во раскошот на „лудите 20-ти“: Спектакуларна The Haute Wed Gala со мода, кабаре и стар холивудски гламур
Скопје на една вечер се претвори во раскошна сцена од друга епоха со црвено кадифе, блескави кристали, пердуви, бисери, шампањ и заводливи звуци кои го оживеаја духот на „лудите дваесетти“.
The Haute Wed Gala 2026 by Atelier Per Sempre донесе вистински визуелен и сценски спектакл во кој модата, музиката, танцот и театарот се споија во едно сензуално и раскошно доживување.
Гламурот на настанот во PARK by Ragusa започнуваше уште со пристигнувањето на гостите. Црвениот тепих беше увертира во вечер исполнета со декадентна елеганција и театралност, осмислена до најситниот детаљ за да потсетува на блескавите кабаре забави и холивудските свечености од минатиот век.
Тешки црвени завеси, свеќници, богато декорирани маси, светкави детали и чаши шампањ го обликуваа амбиентот. Сè изгледаше како внимателно режирана филмска сцена во која гостите беа дел од спектаклот.
А токму гостите на евентот организиран од Сандра Матеска Блатт ѝ дадоа дополнителна магија на вечерта.
Дрес-кодот инспириран од 20-тите години беше прифатен со огромен ентузијазам, па низ просторот дефилираа впечатливи стајлинзи со пердуви, бисери, светкави украси, ленти за коса, драматичен накит, елегантни фустани, смокинзи и модни детали кои потсетуваа на златната ера на кабарето.
Во срцето на настанот беше модата. Atelier Per Sempre, модното ателје основано од Сандра Матеска Блатт, ја претстави својата визија за невестинската мода преку креации со романтична винтиџ естетика. Наместо класична ревија на која манекенките едноставно чекорат по писта, венчаниците беа во центарот на визуелен перформанс.
Домаќин на вечерта беше актерот Жарко Димоски, музичкиот дел дополнително го збогатија Полина Тасева и Ана Петановска, а на сцената имаше и танцови перформанси.
Значаен удел во создавањето на целото доживување имаше и Ѓорѓи Петрушевски, заслужен за креативната и режиска реализација на програмата.
Со внимателно осмислен концепт, богата сценографија, мода, музика во живо, перформанси и публика која максимално се препушти на зададената естетика, новото издание на The Haute Wed Gala покажа колку впечатливо може да изгледа еден моден настан кога се создава цел еден свет околу него.
Ѕирнете како изгледаа гостите и каква беше атмосферата:
Фото: Кики Муки, Мартин Андонов, City Plus Photography, Krstevski Photography / The Haute Wed Gala 2026