Само шест недели по породувањето, Барбара Палвин повторно се врати на шоуто на Victoria’s Secret.
На пистата во Лос Анџелес, 33-годишната манекенка заведуваше во романтичен, проѕирен розов фустан со испишани зборови и нежна шминка во розови нијанси. Подоцна, таа се појави повторно во блескава креација со големи крилја.
Палвин изгледаше самоуверено на модната писта, гордо покажувајќи ја својата фигура, додека нејзиниот сопруг Дилан Спраус со воодушевување ја следеше од првиот ред. Дилан не ја криеше гордоста, а во еден момент ѝ испрати и бакнеж.
Пред почетокот на ревијата, манекенката за списението PEOPLE откри какво е чувството да се врати на модната писта толку кратко по раѓањето на своето прво дете.
„Утре ќе бидам шест недели постпартум, што, мислам, во САД е периодот по кој повеќето жени мора да се вратат на работа. Затоа, не е толку голема работа“ - изјави таа, додавајќи дека се чувствува одлично.
Палвин истакна дека ѝ значи тоа што тимот на Victoria’s Secret ѝ овозможил да биде дел од ревијата и што брендот испраќа порака за поддршка на жените.
„Мислам дека е многу охрабрувачки тоа што сме тука и што ги поддржуваме жените“ - додаде таа.
Сепак, зад враќањето на модната писта стојат и многу нови предизвици.
Манекенката ги опиша првите недели од мајчинството како вистински емотивен ролеркостер, додека таа и Дилан се приспособуваат на животот со нивната ќеркичка Силви.
Нејзиниот сопруг, пак, не штедеше пофалби за неа. На розовиот тепих, 34-годишниот актер откри дека Барабара напорно се подготвувала за ревијата и се восхити на нејзината способност да се справи со секој предизвик.
„Воодушевен сум од тоа како успева да се собере и да го направи ова секојпат“ - изјави Спраус.
Барбара и Дилан се венчаа во 2023 година.