Ар Џеј Мите, најпознат по улогата на Волтер Вајт Џуниор во култната серија „Breaking Bad“, почина на само 34-годишна возраст. Според информациите на TMZ, актерот си го одзел животот.
Локалните власти потврдиле дека Мите бил пронајден мртов во Тексас. Извори од полицијата соопштиле дека сè уште е во тек истрагата за околностите на неговата смрт.
Веста за смртта ја потврди и претставник на актерот за јавноста:
„Со длабока тага ја споделуваме трагичната вест за смртта на саканиот актер, филантроп и страстен застапник за правата на лицата со попреченост, Ар Џеј Мите“, се наведува во соопштението.
Мите се прослави со улогата на Волтер Вајт Џуниор или Флин, син на Волтер Вајт (Брајан Кренстон) и Скајлер Вајт (Ана Ган) во хит-серијата „Breaking Bad“. Тој се појавуваше во сите пет сезони на серијата, која се емитуваше од 2008 до 2013 година и освои вкупно 16 награди „Еми“ од вкупно 58 номинации.
Исто како и неговиот лик во серијата, Мите живееше со церебрална парализа. Неговото лично искуство му овозможи да внесе посебна автентичност во улогата, а популарноста ја искористи за да ја подигне свеста за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост.
Покрај актерската кариера, тој беше посветен и на хуманитарната работа, како амбасадор на организациите „United Cerebral Palsy“ и „Shriners Children’s“.
Трагичната вест доаѓа само една година откако Мите се сврши со својата девојка Кенеди Суарез. Актерот ја запроси саканата токму на нејзиниот 30-ти роденден, а радоста ја сподели со зборовите:
„Пресреќен сум што ја пронајдов мојата личност, мојата животна сопатничка, која ме инспирира да бидам подобар човек, без разлика што правиме заедно“.