„По загубата на синот, се јави идејата за домашниот Природен Детергент“: Данче од Струмица за мајчинството и создавањето помалку токсичен дом
Данче Серафимова од Струмица е пример како најтрагичните искуства и најтешките бури не само што нè менуваат, туку можат целосно нè урнат за одново да нè изградат посилни, посвесни и поавтентични. Низ солзите од соочувањето на првото дете со егзема и незамисливата тишина по загубата на вториот син, таа ја пронајде својата нова мисија – безбеден и помалку токсичен дом.
Нејзиниот пат од „преживување“ до свесно живеење го роди првиот македонски природен детергент, без штетни состојки и наменет за сите возрасти. Денес, 31-годишната струмичанка не е само претприемач и советник за „low tox“ живеење, туку и жена која од сопствените рушевини создаде нешто корисно за многумина.
Низ овој разговор за Фемина, таа нè води низ најдлабоките точки од мајчинството, болката, трансформацијата и силата со која ја создава новата верзија од себе, како и подобриот свет кој го гради за своите деца и за сите нас.
Данче, се сеќавате ли на моментот кога првпат се остваривте во улогата мајка? Што се промени во вас тогаш?
Сѐ се промени откако станав мајка. Се почувствував жива, вредна, достоинствена, блажена, сакана
Уф, првиот пат кога станав мајка. 2020 година, уште ковидот беше на сцена. Ѓорѓи се роди во 42 недела, по природен пат, го почекавме малце, не сакаше да излезе, изгледа и тој процес навистина некако беше неизвесен. Некако од моја страна целото тоа постанување на мајка ми беше нереална и некако тешко да си ја присвојам и да биде моја улога. Тогаш не можев да вербализирам што ми се случува, но од денешна гледна перспектива, тогаш се соочив со еден нов идентитет.
Мајчинството е нешто што се очекува, но те фаќа неспремен, бидејќи не знаеш што сè носи, што за тебе значи. Јас до пред да станам мајка, не бев свесна за сопствениот живот. Бев тотално несвесна за себе, народски кажано си го живеев животот на среќа. Меѓутоа кога се соочив со новиот идентитет, улогите ми се поместија и се соочив со реактивноста на мојот мозок да оди во метод на преживување, бидејќи чувствуваше дека беше загрозен. И тоа значеше да се правдам најчесто, да се бранам, да морам да докажувам дека јас сум мајката, да бидам гласна околу моите одлуки, како едно мало дете што се бори за нешто свое, без да во тој момент едноставно сфатам дека тоа никој не може да ми го земе. И дека е мое, а можеби и самото осознавање на тоа ме натера многу да се поистоветам со улогата мајка и останам само на тоа поле, за што сите мои други улоги беа заборавени.
Сѐ се промени откако станав мајка. Се почувствував жива, вредна, достоинствена, блажена, сакана. И со сите тие карактеристики се запознав преку мајчинството. Е сега зошто низ претходните улоги не сум се чувствувала така – тоа е долга тема, но и мој пат, мајчинството за мене беше еден катапулт кој ме лансира на нова димензија и ми помогна да се вратам кон себеси.
Вашето прво бебенце Ѓорѓи се соочи со егзема. Како изгледаше тој период за вас како млада мајка која сака само да го заштити своето дете?
Во првиот месец се соочивме со егземата, атопичен дерматит и секако за мајка тоа е баш болно да се гледа и доста беспомошно. На нас мајките некако тешко ни е да се опуштиме, цело време сме во контракција и тој метод на „борба или бегство“ што сакаме само да се реши, само да се заврши и да можеме да избегаме од емоциите, што е многу тесно поврзано со соочувањето со новиот идентитет. Мајчинството е единствената улога со која се стекнуваме ние самите и од која нема враќање назад, па затоа мислам дека толку многу сите нè тригерира.
Секако дека ни препишаа кортико и тогаш за прв пат се соочив со фармацијата, нејзините производи алтернативи и почнав да истражувам. Читав по цел ден, барав, се едуцирав, спроведов низ свој филтер и почнав да дејствувам.
Кога беше моментот кога си рековте: „Не, ова не е нормално, мора да најдам подобар начин“?
Моментот кога реков дека не е нормално е точно тој момент кога нештата ги спроведов низ мојот филтер и интуиција и тоа што за мене беше вистина. Јас по природа сум борбена, автентична и не се помирив со фактот дека тоа може да биде така. Како? Со тоа што почнав да ги преиспитувам нештата. Нашето его се смалува и ја губи својата моќ тогаш кога ја активираме љубопитноста. Кога почнуваме околу нешто да сме љубопитни, критички да размислуваме, и читајќи и истражувајќи си го земав за себе тоа што за мене беше вистина и што знаев дека ќе функционира, а тоа е враќање на основите, на базата, на темелот, таму од каде што сè почнало, од нашите предци, традицијата, природата, почвата. И тука сфатив и зошто се предодредив кон градежен факултет, како еден столб во мојата професионална улога.
Со вториот син Константин поминавте низ кошмар кој ниту една мајка не треба да го доживее. Дали имавте уредна бременост? Зошто дојде до компликации?
Бременоста беше уредна. Се бореше цели 26 дена, но не издржа
Бременоста се случи осум месеци од раѓањето на Ѓорѓи и беше уредна. Некако судејќи по уредноста на првата бременост, како да се подразбираше дека и таа е уредна. Ништо од срцевата мана не се виде на ехо, единствено видно што давало некаков знак на проблем беше неговата тежина, што во однос на Ѓорѓи беше речиси дупло помала. Ѓорѓи се роди 4.300, Костадин 2.600. Велат дека второто бебе треба да е приближно дури и повеќе од првото, но докторот најверојатно не го гледаше како проблем. До компликации дојде најмногу поради заматената вода, голтањето на истата, бактерија. Се исчисти тоа, но потоа од интубирање дојде до сепса, што поради отворената комора и предкомора не можело да се исчисти. Се бореше цели 26 дена, но не издржа.
Како изгледаа тие 26 дена неизвесност додека бебенцето беше во Скопје? Каде ја наоѓавте силата секое утро да се разбудите и да се надевате дека ќе го земете вашето бебе дома?
Силата на родителот во тие моменти не се опишува, не можам со зборови да ја доловам. Како родители се надевавме на најдоброто, знаевме дека сè ќе биде во ред, имавме можност да се јавиме на докторите два пати дневно, за да ни кажат дали има напредок. Во меѓувреме Ѓорѓи беше тука, тој ни беше најголемата сила, јас се трудев да одржам лактација, беше еден навистина стресен, интензивен, хаотичен период, со многу молитви, верба и надеж.
Што беше најтешко во моментот кога ви соопштија дека борбата завршила?
Најтешко беше прифаќањето. Соочување со реалноста која не ја очекувавме
Најтешко беше прифаќањето. Прифаќањето дека можеби нашите молитви се услушија и дека тој е спасен од болка, страдање. Прифаќање дека можеби не го заслуживме. Прифаќање дека овој свет е мал за неговата големина. Соочување со реалноста која не ја очекувавме. Способноста за воздигнување на духовно ниво за кое не ни беше познато.
Кои мисли, кои зборови или кои луѓе ви помогнаа да не потонете во таа болка?
Потонав во болката. Си дозволив да бидам таму и да се издигнам над неа
Најголема сила ни беше Ѓорѓи и сè што тој е. Јас два месеци подоцна почнав да работам со психотерапевт. Јас потонав во болката. Си дозволив да бидам таму и да се издигнам над неа. Понекогаш може и најчесто не е поентата да избегаме од нештото или да го турнеме под тепих, бидејќи кога и да е ќе нè стаса, ако не преку нас, преку нашите деца, внуци. Така што, добро е да се препуштиме на болката за да видиме што ќе се направи тоа искуство. Секако бара храброст, сила потенцијал, капацитет, но штом ти е дадено, сигурна сум дека се може.
Често велите дека се издигнавте „од пепелта“. Како изгледа процесот на повторно создавање на себеси?
Процесот на создавање на себе е хаотичен и ова е мал збор. Тоа претставува губење на себе првин – што значи и доведува до конфузија на најблиските, бунт, повторно запознавање со некоја нова верзија од мене. И колку и да се занимаваш со себе, сепак и тоа далеку, далеку влијае на секојдневието. Кога се бираш себе и се градиш повторно од рушевините, ти се презентираат сите причини зошто тоа ти не можеш да го издржиш. Но, еднаш кога ќе помине сè и ќе издржиш, (бидејќи од ова не се умира) светлото од другата страна е многу поголемо и позначајно од тоа да си прифатила да играш на малку и на просечност. Но, колку повеќе одиш, толку повеќе има смисла за тебе, толку повеќе си блиску до себе и најважно е дека си пример за тоа што е возможно. И еднаш кога ќе стасаш на некоја дестинација каде што и другите ќе можат да го почувствуваат резултатот, тогаш станува подобро. Сè функционира така. Резултат, па валидација. Работата е да знаеме дека не ни треба надворешно признание кога се градиме себе или се враќаме кон себе. Реалноста е што никој освен ти, а најчесто ниту ти, не знаеш што правиш и кој ќе биде исходот, и тука е искушението, но со верба, сè ќе биде во најдобар совршен ред.
Која е вашата најголема порака до мајките кои изгубиле дете и мислат дека нема враќање од тој мрак?
На мајките кои изгубиле дете би им порачала да имаат свесност за тоа дека нивното бебенце живее низ нив
Што би им порачала на мајките... Би им порачала да имаат свесност за тоа дека нивното бебенце живее низ нив, односно низ вашите постапки, зборови, дела и имајќи го тоа на ум, каква одговорност ќе преземете за тоа како тоа би изгледало, е ваш избор. Им посакувам да се пронајдат себеси во болката, да знаат дека има смисла што тоа се случува и да самонабљудуваат како секоја ситуација, секоја реакција, како околината се однесува и што тоа значи за нив и што тој настан, тоа искуство значи за нив. Она што резонираше со мене е да не го преиспрашувам Бог за неговите одлуки и постапки и длабоко да верувам дека тоа било најдоброто за него.
Добивте уште едно синче, Давид. Колку бевте исплашени како ќе се одвива бременоста и самото породување тој пат? Дали можеби на моменти се помисливте дали воопшто сакате уште едно дете?
Давид беше Божји дар. Ништо не планиравме, зборувавме, едноставно се случи и поради случајноста, знаевме дека е возвишен чин и воопшто не го преиспитувавме.
Дали ни беше страв – да. Неизвесно беше породувањето, бидејќи цело време се вртеше и поради тоа што моите деца си сакаат да си седат во меше, убаво им е, некако многу бевме нетрпеливи, но фала на Бога сè беше во најдобар ред.
Какви деца се Ѓорѓи и Давид?
Ѓорѓи и Давид, верувам како и сите браќа и сестри, се скроз различни. Иако Давид гледа сè од баткото и сака да го копира, од многу мал научи многу работи од него и навидум изгледа дека е посмирен, но во суштина она што јас забележувам е дека тој ќе биде повеќе темпераментен од Ѓорѓи.
Давид е љутко, сака повеќе по негово и повеќе е приврзан со мене, што мислам дека е нормално со вторите деца. Ѓорѓи пред Давид беше мирно дете, секогаш со мене, слични сме по карактер, тој е многу смел и да не знае нешто, кажува дека може и знае, многу е храбар и има голема способност на прилагодување.
Ѓорѓи знае да разбере и да му објасниш ќе сфати и ќе послуша, но Давид не, веднаш се лути и плаче, меѓутоа уште е некако рано за него, да некако кажам некоја форма на карактер, сè зависи и од тоа колку неговите потреби се задоволени - сон храна, време надвор, време со мене. Откако дојде Давид некако природно јас се оддалечив од Ѓорѓи на некој начин, татко му го презеде за спиење, шетање и сега преферира да е повеќе со него. Како и секој родител, секогаш сме критички настроени спрема себе дали постапуваме правилно и праведно и дали е тоа во склад со детето, но верувам во некој совршен ред и смисла.
Како точно се роди идејата за природен детергент? Беше ли тоа обид да создадете побезбедна средина за децата и за вас?
Идејата за природен детергент се роди по загубата на Костадин
Идејата, односно обидот јас дома да користам природен детергент, се роди по загубата на Костадин. Во тоа губење на себе, сакав да ги тргнам сите стари навики во секое поле и тргнав од производите кои ги користиме дома. Бев скептик на почеток и кога го пробав, бев воодушевена, не ми се веруваше дека функционира и со задоволство го споделив на Инстаграм. Тогаш споделував како го правам, правев работилници каде покажував како се прави, сè додека не се пројави интерес од едно девојче да го купи. Веднаш почнав да размислувам и за неколку дена го објавив во продажба. Откако го изгубивме Костадин, целосно сме ориентирани кон „lox tox“ дом и за тоа многу опширно зборувам во мојот менторски програм.
Дали го гледате производот како бизнис, или повеќе како мисија? Што најмногу ви ја отвори вратата кон успехот?
Детергентот го гледам како мисија од овој квартал годинава. Претходно не го гледав како бизнис, го гледав како обврска да придонесам, што може е тесно поврзано со мисија. Имав едно укажување од едно девојче на Инстаграм, кое ми посочи дека во името на производот се крие Роден и Дете - приРОДЕН ДЕТЕргент и тогаш сфатив дека ова е многу повеќе од мене и сето тоа што сме ние како физички тела тука и го гледам како мисија за која е заслужен Костадин и што да не се случеше, немаше да можам да придонесам за цел мој животен век. Најмногу ми ја отвори вратата кон успехот способноста да се носам со околностите. Тоа во голема мера ми помогна психотерапијата, но бидејќи тоа е корелациски процес, најмногу сум заслужна јас со сите мои механизми за справување со нелагодноста.
Што би ѝ рекле на Данче од пред пет години?
Што би ѝ рекла - „НЕ СИ СВЕСНА ШТО СЀ МОЖЕШ!“.
Каква е вашата визија за иднината, за вашиот бренд, за вашето семејство, за светот кој го градите за децата?
Мојата визија е да градам стабилна заедница, која ќе ми помогне да го проширам концептот на дом со помало токсично оптоварување и да го кренам стандардот на живеењето. Не сум личност што планира, немам планови, но знам каде одам и знам дека сè ќе се случи како што треба да биде.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk