„Одморете малку“: Драган Спасов – Дац им возврати на оние кои „знаат сè за сите“ и се „експерти за туѓите животи“
Озборувањата и мешањето во туѓата интима беа повод за најновата објава на македонскиот актер Драган Спасов – Дац, кој преку социјалните мрежи директно им се обрати на дежурните критичари.
Македонскиот актер им порача на сите оние кои живеат од туѓи приказни, гласини и претпоставки да направат пауза и да се свртат кон сопственото секојдневие. Со својата препознатлива доза на сарказам и суптилна остроумност, Дац напиша:
Неверојатни се некои луѓе... Знаат сè за сите. Знаат кој се скарал, кој се смирил, кој планира нова работа, кој се сели и зошто. Знаат кој останал сам „како куче“, кој кого оставил, кого го расипале парите... Дури знаат и кој наскоро ќе се заљуби, пред тоа навистина да се случи.
Имаат некаква посебна „дарба“. Информациите сами им доаѓаат, непоканети. Никој ништо не ги прашува, а тие сè знаат. Понекогаш и она што никогаш не било кажано.
А вистината? Таа им доаѓа како зачин. Нивното главно јадење се претпоставки, полувистини и чиста фантазија.
И сето тоа го сервираат со насмевка, и се разбира „добронамерно“. Зашто тогаш имаат чувство дека се важни. Дека нивниот живот има некаква цел.
Најголеми експерти се за туѓите животи, додека за сопствениот не го знаат ни она основното. Зашто, да знаеја, можеби ќе сфатеа дека секоја приказна што ја шират за другите, всушност повеќе зборува за нив самите.
Затоа, драги наши „весници на минатото и иднината“, одморете малку. Светот ќе преживее и без вашите вести.
А можеби ќе се изненадите кога ќе сфатите колку многу работи за себе, сè уште не сте слушнале.
Објавата за кратко време наиде на бројни реакции, лајкови и коментари.