Постојат личности чие заминување остава празнина која времето не може да ја исполни. Личности чиј глас продолжува да одекнува, чии песни будат спомени и чија добрина останува жива во срцата на сите кои ги допрела.
19 години по трагичната смрт на Тоше Проески, Македонија повторно се обединува во споменот на непреболениот ангел. На социјалните мрежи се нижат емотивни посвети, фотографии, стихови и негови песни, а секоја објава буди емоции.
Тоше можеби физички не е меѓу нас, но неговото присуство сè уште се чувствува во секој стих и секоја нота од неговите музички дела.
На официјалниот профил за Тоше, воден од неговото семејство во соработка со EMDC Network, објавено е видео со снимки од негови настапи, фотосесии и моменти кога на лицето му бликаше неговата прекрасна и искрена насмевка. Во позадина свири неговата изведба на „Зајди, зајди, јасно сонце“, а во описот пишува:
Тоше Проески. Нашиот супер Тоше, нашиот принц на поп музиката, нашиот фронтмен, нашиот македонски славеј.
Денес се сеќаваме на Тодор.
Единствен и неповторлив уметник, чија креативност не познаваше граници. Неговото влијание и денес се чувствува низ секоја нова генерација слушатели.
Преку својата музика, харизма, глас и моќниот перформанс остави неизбришлив печат и траг засекогаш. Тој ја предизвикуваше публиката да го погледне светот преку филтер на љубовта.
Деветнаесет години подоцна, неговите зборови песни и појава продолжуваат да инспирираат, и длабоко да одекнуваат во нашите глави и души.
16 октомври — Ден на сеќавање на Тоше Проески.
Македонски познати личности и корисници на социјалните мрежи споделија објави во чест на нашиот славеј:
Џина Папас Џокси
Во онаа бркотница кој попрв да стигне до Тоше, јас некако сосема спонтано, без некое договарање, се најдов покрај него. Во неговиот град, во „Планет“, на неговиот роденден, таа 2007.
Некој праша дали може да нè фотографира. Без двоумење се согласи.
А кога од друштвото довикнаа да запее нешто, му подадоа слушалки „Сони“ — микрофон немаше. Ме претстави како „легендата на македонската музика“, се сврте кон мене и ми рече:
„Да ја запееме онаа нашата.“
И ја започна „На Велигден“.
Цел „Планет“ пееше со него. А јас само стоев, вкочанет од среќа.
Веќе бевме разговарале да ја снимиме заедно. Во тој миг само потврдно ми климна со главата. Но обврските и преполната агенда го сторија своето. Заедничката снимка остана неостварена желба, а таа вечер — спомен што го носам во себе.
На фотографијата сме со уште една група дечки кои посакаа да се сликаат со нас. Фотографијата е од нивната колекција.
Игор Јакимовски
Утрото кое ни го зема единственото вистинско добро што ни го дари Бог е пред нас. 16.10.2007 година, 6 часот и 20 минути кога цела Македонија се разбуди од плачот на универзумот. И на многу не им е јасно зошто толку ги допре смртта на еден пејач.
Многумина велат - "чудно, дома сите молчевме, ко да изгубивме некој близок". Па да.... има ли некој поблизок од оној кој ви ги учеше децата на морални вредности, од оној кој градеше болници, училишта, манастири, од оној кој со само 26 години направи небројни хуманитарни концерти, од оној кој си ја почитуваше татковината, семејството, другарите, од оној кој беше достапен да помогне за сечија мака? Има ли луѓе??? Камо да изгубевме само пејач, па да ни фалеа само песните, музиката, камо да беше така па да си најдевме замена, затоа што пејачи имало и ќе има, но како да најдеме замена за се она што беше тој.... каде и како и дали е возможно? "
Никогаш нема да те заборавиме...💔
Ламбе Алабаковски
Ана Костадиновска
Бранка Костиќ Марковиќ
На 16 октомври 2007 година ќе го паметам како голем стрес и огромна тага. Денеска се навршуваат 19 години од него и сѐ уште ја имам грутката во грло на секој еден спомен на тој ден.
Огнен Здравковски
Во чест на нашиот Тоше Проески, со многу љубов, емоција и почит кон неговото дело, ви подготвивме една поинаква изведба. Глас и клавир.. 🗣🎹
Тоше, ќе живееш вечно и никогаш нема да бидеш заборавен! 💫 ТЕ САКАМЕ! 🤍
Анита Даева
И денес за него спомените и пеат и плачат. Тагата е жива оти 19 години за Тоше се говори во минато време... Неостарените младости се најтажни... А неговата младост беше и наша... 16 октомври 2007... тивко студено утро… Како се наголемува денот така и вистината… Вистината доаѓа од Хрватска… Тоше загина... Тишината се полни со болка
Балкански солзи за светскиот глас… Македонски непребол за чедото… Молк.
И во оваа 2026 Песните живеат… Народот не заборава.. Спомените дишат..Количеството на утеха различно… А тој… таму некаде… Ретко даровито дете со чудесен глас пред кој занемува секој..Глас кој го носеше далеку, најдалеку… А далечината таа недофатна димензија му тежеше..Најтешка му беше кога Крушево остануваше преку границите… Оти родното огниште е најтоплото место на светот, така беше и за него..Вербата во Бога го крепеше да издржи не затоа што далечините беа недостижни,туку затоа што беа туѓи..Патот кон ѕвездите незнаен, а на Тоше според многумина од раѓање му беше предодреден…Да биде сјајна душа на Земјата..Беше… И ОСТАНА… Блескаше, зрачеше, не само со песна туку и со дух… Човечноста му беше челична… Секоја нова скала ја искачуваше со сигурен чекор... Не затоа што цврсто газеше, туку затоа што траги оставаше…
Маја Кикириткова
Слободанка Тренчева
Сè уште живееш иако физички не си со нас. Зад себе остави големо богатство,
Твојот талент беше нешто несекојдневен, каков што досега не сме виделе.
Не само денес и не само на овој ден, туку секогаш те спомнуваме и не те забораваме.
Ти Тоше беше сакан од целиот регион, твојот глас допре до секое срце. Би-би-си Њуз те нарече „балканскиот Елвис Присли“. Ти беше познат и по својата хуманитарна работа, твојот ангелски лик и глас те направија личност чија љубов кон другите немаше граници
Нека ти е вечна слава наш единствен Тоше! 🕊️🩶💔