Малите раце создаваат зелена иднина: „Еуро-Екопак“ со серија еко-работилници во градинките во Општина Гази Баба
Со многу насмевки, шарени цртежи и детска љубопитност, компанијата „Еуро-Екопак“ реализираше шест едукативни работилници „Мали еко-херои“ во градинките во Општина Гази Баба. Преку игра, разговор и креативни активности, најмалите учеа како правилно да го селектираат отпадот, откривајќи дека и нивните мали раце можат да направат големи нешта за природата. Работилниците се одржаа во градинката „25 Мај“ – објектите „Сонце“ и „Детелинка“ и во „Детска радост“ – објектите „Сончоглед“, „Темјанушка“ и „Калинка“. Серијата заврши на 19 октомври со посетата на „25 Мај“ – објект „Пони“, оставајќи зад себе нови знаења, убави спомени и мали еко-херои подготвени да го применат наученото.
Каде оди хартијата, а каде пластиката? Зошто е важно да го одвојуваме отпадот и што се случува кога ќе го ставиме на вистинското место? Овие прашања беа почеток на разговори приспособени на возраста и љубопитноста на децата. Преку едноставни примери и активно учество, најмалите откриваа како секојдневните постапки можат да придонесат за почиста околина. Посебно место во работилниците имаше цртањето. Децата најпрво ги исцртаа контурите на своите дланки, а потоа со боички и фантазија ги претворија во дрвја, цвеќиња и сонца. Секој цртеж беше различен, но пораката беше заедничка: во тие мали раце е иднината на нашата животна средина, а грижата за неа се учи од најрана возраст.
Со своите шарени цртежи, дечињата ги украсија и кантите за селектирање отпад, кои ѝ беа подарени на секоја градинка. Тие останаа како практичен дел од секојдневието и потсетник на наученото. Така, креативните активности добија продолжение и по завршувањето на работилниците – секое парче отпад одложено во соодветната канта е можност знаењето да прерасне во навика.
Октомвриските работилници се втора серија од иницијативата, по првата организирана во мај годинава во градинките во Општина Аеродром. Тогаш беа опфатени градинката „Буба Мара“ и нејзиниот клон „Сонце“, како и градинката „Срничка“ со објектите „Бамби“, „Чекорче и штурче“ и „Калинка“.
- Со втората серија работилници ја продолжуваме приказната што ја започнавме во мај – грижата за природата да им стане блиска на децата уште од најмала возраст. Кога самите цртаат, ги украсуваат кантите и откриваат каде припаѓа отпадот, децата учат преку сопственото искуство. Нашата задача како возрасни е да ја поддржиме таа љубопитност и да им дадеме добар личен пример. Веруваме дека малите раце што денес со толку внимание цртаат дрвја и цвеќиња, утре со истото внимание ќе се грижат за светот околу себе - вели Лука Луковски, директор на „Еуро-Екопак“.
Со продолжувањето на иницијативата, „Еуро-Екопак“, како колективен постапувач за отпад од пакување, ја надградува својата едукативна работа со децата од предучилишна возраст. Фокусот е на постапки што најмалите можат да ги разберат и да ги применуваат: да препознаваат различни видови отпад, да го изберат соодветниот сад за селектирање и да се грижат за чистотата на просторот во кој играат и учат.
Наученото може да се пренесе и надвор од градинката. Еден цртеж, едно детско прашање или потсетување каде треба да се одложи амбалажата може да биде повод за разговор со родителите и за заедничко создавање подобри навики во домот.
Двете серии работилници ја поврзуваат детската креативност со практични знаења за животната средина и нејзина заштита. Затоа што малите еко-херои растат со секоја добра навика, a со тоа и поодговорниот однос кон природата.