Пред само една година, малечкиот Матео се бореше за својот живот на ГАК во Скопје. Тој се роди во 28-мата гестациска недела, тежок само 1.200 грама.
Денес, истиот мал борец се врати на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство каде го започна својот живот. Но, сега пораснатото момче имаше голема насмевка и роденденска торта со себе, бидејќи полнеше една година.
Матео го прослави роденденот на Одделот за интензивна нега и терапија (ОИНТ) на ГАК, заедно со медицинскиот тим кој пред една година бдееше над него и секојдневно ја следеше неговата голема борба.
Од ГАК споделија фотографии и текст за слаткиот славеник:
Првата прегратка на животот: Малиот Матео го прослави 1. роденден на ОИНТ
На Одделот за интензивна нега и терапија имавме посебна причина за славење. Малиот Матео, кој пред една година го започна животот како голем борец, се врати каде што започна сè за да го прослави својот прв роденден со тимот кој бдееше над него.
Матео се роди прерано, во 28-та гестациска недела, со тежина од само 1.200 грама. Првите месеци ги помина во инкубатор на ОИНТ, каде секој ден беше борба за секој здив, а медицинскиот персонал му беше втора фамилија и најголема поддршка.
Денес, Матео е силно, здраво и насмеено момче. Неговото доаѓање со роденденска торта донесе прегратки, емоции и солзи радосници кај целиот тим.
За персоналот, да го видат Матео како дигурно чекори низ животот е најголемата награда за сите непроспиени ноќи, а за сите нас – потсетник дека најмалите борци носат најголеми победи.
Среќен 1. роденден, мал херој!