Мала хероина: Ељора се роди тешка само 900 грама во 29. гестациска недела, по 70 дена на ГАК си замина дома со родителите
Пристигна најубава вест од Одделот за интензивна нега и терапија на ГАК.
Малата Ељора, родена со само 900 грама во 29. гестациска недела, по 70 дена битка за својот живот, си замина дома кај родителите.
Од ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство во Скопје објавија фотографии од среќното семејство и напишаа топли зборови за малата хероина која со огромна волја за живот ги надмина сите потешкотии и сега е во прегратките на мама и тато.
После 70 дена поминати во постојана борба, неизвесност, но и неизмерна љубов, малата Елора ја постигна својата прва и најважна животна победа — дипломираше на Одделот за интензивна нега и терапија (ОИНТ) и конечно си замина дома.
Нејзината приказна започна прерано, во 29-та гестациска недела. Со тежина од само 900 грама, ова мало девојче влезе во светот многу потивко од сите останати, но со волја за живот поголема од секој предизвик. Секој еден од тие 70 дена беше нова битка, секој здив и секоја секунда беа исполнети со надеж и тивки молитви.
Со невидена храброст, Елора се избори со сите потешкотии што и ги постави почетокот на животот. Денес, со малите рачиња и силната душа, таа прерасна во вистински мал борец од 2.000 грама.
Најтоплиот момент пристигна кога малата хероина конечно заспа сигурна во топлите прегратки на мама Рина и тато Мухамед. По сите непреспиени ноќи и денови исполнети со грижа, тие конечно го затворија поглавјето на болничкиот оддел за да го започнат најубавото патување — животот дома, заедно.
Елора ни покажа дека големината не се мери во грамови, туку во силата на срцето. Добредојде дома, мал ангелу ❤️❤️❤️❤️❤️ – напишаа од ГАК.
Мајката на бебенцето, Рина, напиша коментар во кој им се заблагодари на медицинските лица кои се грижеа за нејзината малечка, а на сите родители кои минуваат низ истото им порача да не губат надеж.
„Јас сум мајката на Ељора и сакав да му се заблагодарам на целиот медицински тим на ОИНТ што ни овозможивте денес да ја имаме Ељора дома. ❤️
Вие бевте нашата најголема поддршка во овие 70 дена - со вашиот професионализам и позитивноста што ја пренесувавте. Вашиот оддел е нешто посебно, какво што ретко се среќава во Македонија.
Ви честитам за неуморната работа и грижата што ѝ ја пруживте на Ељора. Не е лесно да му го довериш своето дете на некого, но кога ве гледав како работите, се чувствував навистина спокојно. Засекогаш ќе ви останеме должни за сè што направивте за нас.Ова патување беше предизвик што никогаш не можев ни да го замислам, но неизмерно сум среќна што нашиот крај е среќен.
А на секој родител кој можеби штотуку започнува вакво патување, сакам да му порачам: со позитивност, верба и трпение, и овој кошмар ќе заврши. Бидете трпеливи и не губете надеж ❤️“ – напиша таа.