Македонска гордост: 11-годишниот пијанист Андреј Цековски освои злато во Њујорк и го развеа нашето знаме
Од училишната клупа во Скопје до големата музичка сцена во Њујорк... 11-годишниот Андреј Цековски испиша значаен успех во својата музичка приказна.
Младиот пијанист го освои првото место во категоријата „USA Classical Hobbyist“ на меѓународниот натпревар „International Youth Music Competitions“, а неговиот успех во март годинава сега доби и свечена потврда.
На 5 септември, Андреј беше дел од гала-вечерта на победниците во Њујорк, на којашто му беа врачени златниот медал и победничкиот пехар.
Талентираниот музичар застана пред меѓународната публика со македонското знаме во рацете. На сцената тој настапи рамо до рамо со млади победници од повеќе земји од светот.
Неговиот настап остави силен впечаток и кај жирито, кое ја пофали неговата музикалност, техничка сигурност и уметничка зрелост, особини кои ретко се среќаваат кај толку млад музичар.
Андреј со пијаното се запознал уште на 4-годишна возраст, а денес своето музичко образование го продолжува во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, под менторство на наставничката Марија Диманин Богоевска.
Покрај музиката, тој е и одличен ученик во „Блаже Конески“ во Аеродром, за кое има освоено повеќе државни награди по различни предмети. Од училиштето објавија за овој голем успех на Андреј:
Нашиот ученик од VI-4 одделение, Андреј Цековски, освои прво место, златен медал и пехар на престижниот меѓународен натпревар International Youth Music Competitions во Њујорк!
На гала-вечерта на победниците, одржана на 5 септември во легендарниот DiMenna Center for Classical Music, Андреј настапи пред меѓународна публика и гордо го држеше македонското знаме заедно со медалот и пехарот.
Жирито ја истакна неговата исклучителна музикалност, техничка сигурност и уметничка зрелост – квалитети кои ретко се среќаваат кај пијанисти на негова возраст (11 години).
На сцената тој настапи заедно со победниците од останатите категории – млади музичари од Австралија, Канада, Кина, Полска, САД, Украина, Мексико, Романија, Црна Гора, Турција и други земји.
Андреј е одличен ученик кај нас во „Блаже Конески“, освоил повеќе државни награди по различни предмети, а веќе две години успешно тренира и ракомет. Паралелно учи во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ кај наставничката Марија Диманин Богоевска, а пијано почнал да учи уште на четиригодишна возраст.
Со ваквите успеси, Андреј станува вистински амбасадор на македонската култура и ја промовира Македонија на најпрестижните светски сцени.