„Мајка ми имаше поголема трема од мене“: Тамара Волческа за „Ѕвездите на Гранд“, следниот круг и желбата за финале
Тамара Волческа го имаше своето прво појавување на сцената на „Ѕвездите на Гранд“ и веднаш обезбеди место во следната фаза од натпреварувањето.
29-годишната пејачка, која зад себе има години настапи и активно работи на својата музичка кариера, пред жирито се претстави со песните „Kad Varaš Ti“ од Тоше Проески и „Stipu Gatibo“ од Младен Војичиќ – Тифа. Со изведбата, таа ги остави Сања Вучиќ, Дара Бубамара и Цеца без зборови.
Гостиварчанката за Фемина признава дека возбудата сè уште трае, а силната реакција од публиката ѝ дала чувство како да се случила многу поголема победа.
„Уште не можам да ги соберам сите импресии на едно место. Возбудата трае, а публиката толку енергетски силно одговори на настапот, што имам чувство како да сме победиле, а не како да е прв круг“ - вели таа.
Најблиските биле до неа да ѝ пружат поддршка во најважниот момент.
„Мајка ми го држи првото место, а тука е и кругот на моите луѓе со кои делам секојдневие и ги сметам за фамилија. Пресреќна сум што ги имам во животот и што несебично ја даваат својата љубов и поддршка.
Мајка ми имаше поголема трема од мене, што дури ја проверував неколку пати во бекстејџ дали е добро и како се држи од возбуда“ - открива талентираната девојка.
Одлуката да се пријави на едно вакво натпреварување дошла речиси спонтано. Иако веќе има изградено свое место на музичката сцена и професионално се занимава со пеење, Волческа сакала нов предизвик.
„Интересна е приказната како се пријавив. Другарка беше во „ТВ Сител“ дента кога беа аудициите и претходно зборувавме и двете да се пријавиме. Не бев премногу сериозна во тој разговор, но веќе чувствував потреба од нешто ново. Да не заборавиме дека бев војник и верувам дека ќе останам вечен трагач по адреналин. Другарка ми зеде пријава за аудициите и за мене и пробуваше телефонски да ме стане од кревет и да ме натера да се појавам. Стигнав на аудицијата само 5 минути пред да дојде мојот број. Благодарна сум ѝ на Викторија што ја поднесе пријавата“ - раскажува таа.
По успешниот прв настап, најавува дека во следниот круг нема да се откаже од она коешто ја претставува, сценскиот настап и автентичноста.
„За секој следен круг, се разбира дека ќе сум јас – јас и онаа енергија што ја дадов во првиот. Мислам дека тоа е мојот печат и ќе останам доследна на тоа“ - вели Волческа.
А дали веќе размислува за финале и победа?
„Финале и победник е награда која ја добиваат храбрите, истрајните и упорните. Јас размислувам само на патувањето и се трудам да го уживам секој миг од тоа, па дури и утре да заврши сè“ – открива македонската претставничка во „Ѕвездите на Гранд“.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk