Лила Филиповска присуствуваше на настан за подигнување на свеста за ракот на дојка, организиран во чест на докторката Марија Бунда Калпак, која пред три години ја изгуби битката со болеста.
54-годишната водителка беше модераторка на едукативниот настан од иницијативата „M says: Check your boobs“. Таа зборуваше и за своето искуство и битката со ракот на дојка.
Лила го водеше настанот на кој посетителите имаа можност да поставуваат прашања и да разговараат директно со професионалци од различни области.
Д-р Соња Јованоска (специјалист радиолог), д-р Наташа Толеска Димитровска (специјалист торакален хирург), д-р Даниела Попоска (специјалист онколог), Никола Дукоски (психолог) и д-р Александар Митов (магистер по јавно здравје) беа панелистите кои зборуваа за превенцијата, прегледите, дијагнозата, лекувањето и психолошката и нутриционистичката поддршка.
Од здружението „Марија – Провери се“, оформено во чест на инспиративната докторка велат:
Марија сакаше нејзината приказна да ги поттикне жените да бидат свесни за своето здравје и да реагираат навреме.
Денес, таа мисија е и наша. Затоа продолжуваме.
Не само да зборуваме за ракот на дојка, туку да информираме, да поттикнуваме на прегледи, да обезбедуваме поддршка и да создаваме простор во кој никој нема да се чувствува сам.
Затоа што една порака може да стигне до една жена во вистинскиот момент.
А понекогаш, токму тоа може да значи многу.
CHECK YOUR BOOBS
Порака што продолжува да спасува животи.
Октомври е месец посветен на подигање на свеста за ракот на дојка, познат и како „Розов октомври“, чија основна цел е потсетување на важноста од редовни прегледи и рана дијагностика.