Избегна одговор дали е во врска со 25 години помлад дечко, вели дека не сака да биде пак со Душко... Јелена Карлеуша искрена во „Полиграф“
Јелена Карлеуша беше гостинка во македонскиот „Полиграф“, каде што одговараше на прашањата на јутјуберот Стефонатор и отворено зборуваше за својот љубовен живот, разводот со Душко Тошиќ и шпекулациите за наводната врска со 25 години помладиот Александар Шево.
Покрај одговорите со „ДА“ и „НЕ“, српската пејачка сподели и лични размислувања за љубовта и мајчинството. На едно од прашањата за Александар, пак, одлучи да не одговори и го притисна црвениот тастер.
Запрашана дали Душко Тошиќ е најголемата љубов во нејзиниот живот, Карлеуша одговори дека по сè што се случило меѓу нив, денес тешко може да го даде истиот одговор како порано.
„Тешко е да се одговори на тоа прашање сега, затоа што сега не чувствувам ништо од она што го чувствував претходно. Но, дали е најголема љубов... Се трудам да го пуштам срцето да одговори, но кога многу работи ќе се случат, тогаш срцето ми вели не. Не можеш некого да го сакаш најмногу на светот, животно најмногу, а тоа да не биде возвратено онака како што си сакал. Така што, сега, по толку години разделени, тешко е да сакаш некого повеќе, кога тој тебе не те сакал исто толку. Така што, не“ – одговори Јелена.
Кога Стефан ѝ кажа дека паднала на ова прашање, 48-годишната музичка ѕвезда објасни дека со поранешниот сопруг била во брак 17 години и дека таа љубов најдолго траела во нејзиниот живот. Сепак, како што истакна, тој го обележал нејзиниот живот и на трауматичен начин.
„Тој беше љубовта на мојот живот во тој момент, кога навистина така го чувствував. Но, многу лоши работи се случија за сега да сакам да кажам нешто толку убаво за некој кој никогаш не би рекол нешто толку убаво за мене“ – рече таа.
Карлеуша откри и дека не би сакала да се смири со поранешниот фудбалер, кој е татко на нејзините две ќерки.
„Не знам зошто луѓето сакаат да се смирам со Душко. Знам дека ним тоа им е романтично. Ќе објаснам накратко, за сега да не ги оптоварувам нашите гледачи со моите приватни работи, кои можеби никого не го интересираат, но ајде да бидам политички коректна.
Да вредеше, немаше да заврши така. Да се бореше за нашиот брак и за мене, немаше да се разведеме. За нашата врска, нашиот брак и сè што имавме се борев јас, не тој. А за успехот на една врска или брак, потребни се двајца.
Мислам дека ни тој не го сака тоа, бидејќи, да сакаше, немаше да дозволи да се разведеме, немаше да дозволи да не биде на моја страна и да застане на страната на сите што беа против мене.
Еднаш кога некој, како маж, ќе те разочара на тој начин и нема да те одбрани, дури и да не си во право, дури и да си направила нешто лошо, сметам дека мажот кој си ја сака жената треба да биде на нејзина страна, дури и кога е сама против сите. Мислам дека тоа е вистинска љубов.Кога ќе се случи мажот кој го сакаш, да застане на страната на оние кои те напаѓаат и ти посакуваат распаѓање на семејството, уништување на кариерата и личноста... Се случи еден вид атентат врз мојата личност, а тој не ме заштити. Тука магијата наречена љубов исчезна, а со неа и мојата желба повторно да бидам со него како некогаш.
Поискрено не можев да одговорам. Мажот мора да биде со својата жена и во добро и во лошо, како што се вели кога се склопува брак. А во овој случај, во лошо не беше со мене“ – изјави Јелена.
На прашањето дали е вистина дека е во врска со 25 години помладиот Александар Шево, Карлеуша го притисна црвениот тастер и го избегна одговорот, но порача дека кога станува збор за многу млада личност, треба да ѝ се даде време да се навикне на животот под будното око на јавноста.
Зборувајќи за љубовта, српската пејачка откри и дека била во емотивна врска со кошаркарот Никола Јовановиќ, кој ѝ бил голема грешка, а призна и дека била интимна со оженет маж, како и дека ја возбудуваат безобразни пораки.
Карлеуша раскажа и дека одбила да биде девојка на Кание Вест во рамките на проект, за кој требало да потпише договор кој ќе утврди како нивниот однос и врската би изгледале во јавноста.
Зборувајќи за мајчинството, Јелена рече дека постојано се преиспитува дали е доволно добра мајка.
„Сметам дека не сум добра мајка, дека секогаш можам да бидам подобра. Мислам дека сум добра мајка, но не и дека сум најдобра мајка. Можам да бидам подобра, можам да давам повеќе од 100%, можам да давам 300%.
Кога нема да им купам нешто што сакаат, мислам дека не сум добра мајка. Така што, постојано се преиспитувам дали сум добра мајка и никогаш не сум доволно добра мајка“ – рече таа.
Осврнувајќи се на улогата на Душко како татко, рече дека сака да верува дека тој е добар родител и дека го дава најдоброто од себе.
„Сакам да верувам дека Душко е добар татко, дека дава сè од себе за да биде добар татко. Нека биде дека јас не сум, а тој е добар...“ – рече Јелена.
Целата епизода погледнете ја тука: