„Имав 30 метастази, 8.5 часа операција, да не беше жена ми ќе паднев во тешка депресија“: Горан Миќиќ за борбата со ракот
Горан Миќиќ беше гостин во подкастот „Бајкерот и Кросфитерот“ со Томас и Жарко.
Еден од најпознатите тату артисти во Македонија се отвори за тешката борба со ракот на тироидната жлезда, но и за извојуваната победа над болеста.
Во видеото, Миќиќ искрено открива дека пред да отиде на контролен преглед, потсвеста му велела дека нешто не е во ред со неговото тело.
„Докторот стигнува до тироидата и нешто ми заглавува, проверува... го гледам и му викам 'Што е, нешто не е во ред? Ти го гледам изразот на лицето.' 'Ова не ми се допаѓа.' ми вели. Јас во старт викам ,Што рак имам и кога ќе умрам?'... И докторот ми вели 'Тебе ти има некој нешто кажано или нешто...' “ - раскажува тој.
Поради јазли на тироидната жлезда, докторот му соопштил дека ќе мора да одат чекор по чекор со биопсија и испитувања, за да се види за што точно станува збор.
Дијагнозата ја добил само неколку дена потоа, а гласела малиген карцином на тироидна жлезда. Но, загрижувачки било што имал и околу 30 метастази плус.
По совети со доктор Горан Николов, бидејќи сакал да се лекува во странство, Миќиќ добил предлог да оди во болницата „Еуроклиник“ во Атина кај доктор Карвулис.
„Перо Антиќ ја крена цела Атина во воздух за да го најде докторот, докторот пресреќен дека му се јавил Перо Антиќ... му однесов и дресови потпишани од него...“ - раскажа тату-артистот, преблагодарен што поранешниот кошаркар е негов близок пријател и бил тука за него во најтешките моменти.
На прегледот во Грција, докторот видел повеќе од 20 метастазирани лимфни јазли и се одлучил за вадење на целата тироидна жлезда.
„Си викам ќе се оперирам, хемотерапии ќе примам, си влегувам во филмот што е нормално да влезе секој човек ... влегувам во филмот дека ќе се бориме до крај, но пи*ка во душа сум... Беше тешка битка, јас имав осум и пол часа операција, со тоа што и некои вени ми погодија на операцијата, но ме закрпија... ми рекоа дека од два до два и пол часа ќе трае операцијата, а заглавив во сала осум и пол часа“ - раскажа Горан.
Во тешкиот период, најголема поддршка му била сопругата Христина.
„Жена ми, да ѝ даде Господ здравје, да ја поживее уште 150 години, таа го почувствува тоа најмногу на своја кожа... бидејќи тој што е со тебе најмногу пати... тие што се околу тебе се најоштетени... Зошто ти во моментот си како експериментален глушец, треба да те решат, а на другите околу тебе не им е сеедно... Ѕвер, таа да не беше, ќе паднев во тешка депресија“ - рече Миќиќ и откри дека додека бил во болница, го лажеле нивниот син Тома, дека тато е во Калитеа.
„Малиот го лажевме дека го правиме дуќанот во Калитеа тогаш, сега кога ќе го гледа ова за пет години ќе знае...“ – дополни тој.
Познатиот тату-артист откри и дека пред операцијата, докторот во Атина го прашал дали се вакцинирал со „Фајзер“ против Ковид, а кога Миќиќ одговорил дека примил три дози, докторот му рекол дека добиената дијагноза е поради тоа. Му рекол дека периодов на глобално ниво имало преку 20.000 илјади операции поради „Фајзер“.
Миќиќ во разговорот потенцираше дека само пренесува што му е кажано, дека докторот му рекол дека од „Фајзер“ страда само тироидата и имуниот систем.
По заздравувањето од операцијата, примал радиоактивна терапија во нашата земја.
Сега вели дека на шест месеци оди на прегледи и досега зад себе има две контроли на кои резултатите се одлични.
Целиот подкаст може да го гледате тука: