„Иако велат дека одмор со деца не е одмор, ние навистина уживаме“: Билјана и Дејан Манасков со синчето во Грција
Дејан Манасков и Билјана Стојановска заедно со четиримесечното синче Давид летово уживаат на семеен одмор во соседна Грција.
За Фемина, новинарката на Канал 5 телевизија откри дека, спротивно на честите коментари дека одмор со мало дете не е вистински одмор, тие конечно успеале целосно да се опуштат.
„Накратко можам да кажам дека ова е најрелаксираниот одмор што сме го имале досега. Иако сите велат дека одмор со деца не е одмор, можеби затоа што нашето бебе е сè уште мало, ние навистина одмараме одмараме. Си пречекуваме и изгрејсонце и зајдисонце“ – споделува таа со насмевка.
Пред да заминат на море, тие дел од летото го поминаа и во нашата земја, посетувајќи неколку од најубавите домашни туристички дестинации.
„Претходно бевме во Охрид, а потоа и во ‘Aurora’ во Берово. Така што, ова лето уживавме и во планина и во езеро. Да не биде само Грција, си ја испочитувавме и Македонија“ – додаде таа.
Дејан и Билјана стапија во брак на крајот на јануари годинава, а само еден месец подоцна, нивното семејство се збогати со уште еден член, кога на 1 март им се роди Давид. Ова е нивното прво лето во улога на родители, а како што велат, им го носи токму она што најмногу им било потребно – мир, заеднички мигови и убави семејни спомени.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk