Хорор на грчкиот Survivor: 22-годишен Грк остана без нога во шоуто, ги тужи продуцентите за 100 милиони долари
Учесник во грчкиот Survivor остана без левата нога за време на снимањето на реалното шоу, а сега ги тужи продуцентите и бара 100 милиони долари отштета.
22-годишниот Ставрос Флорос изгуби дел од ногата во страшна несреќа која се случи на 11 мај во водите кај островот Саона во Доминиканската Република.
Младиот Грк бил во морето и ловел риба со подводна пушка кога туристички чамец влегол во областа. Според судските документи, пропелерот го погодил во двете нозе, при што левата му била отсечена над коленото, додека десната била тешко повредена.
Ударот бил толку силен што неговата отсечена нога останала во морето. Флорос наведува дека животот му го спасил непознат човек од туристичкиот чамец, кој му ставил медицински турникет на повредената нога. Според него, токму тоа го спречило да искрвари до смрт додека чекал медицинска помош.
По несреќата, бил пренесен во болница во Мајами, во која поминал 61 ден и бил подложен на повеќе операции. Лекарите морале да извршат хируршка ампутација на левата нога, но и сложена реконструкција на тешко повредената десна нога.
Флорос поднел тужба во судот во Мајами, во која тврди дека продукцијата го поставила форматот на шоуто така што натпреварувачите морале да ловат риба во отворено море, во област со густ туристички сообраќај.
Повредениот учесник во шоуто тврди дека немало безбедносни чамци, набљудувачи, заштитени зони или соодветни предупредувачки ознаки кои би предупредиле дека во водата има натпреварувачи.
Според неговите наводи, продукцијата била свесна за претходни опасни ситуации во истите води, па дури и за претходен смртен случај, но не презела доволно мерки за да ги заштити учесниците.
„Влегов во реално шоу и завршив со само една нога на 22 години, чувствувајќи дека полека умирам“ – изјавил Флорос по поднесувањето на тужбата.
Од Acun Medya соопштиле дека станува збор за сериозна несреќа која се случила додека Флорос ловел риба надвор од натпреварувачкиот процес, а компанијата тврди дека веднаш биле преземени чекори за да му се помогне. Случајот го истражуваат и локалните власти.
Телевизијата Skai по несреќата го суспендирала емитувањето на Survivor Greece и соопштила дека ќе го следи неговото лекување и ќе му помогне во рехабилитацијата.