Гризнала член на екипажот, удрила полицаец... Селма Блер уапсена за инцидент во авион, адвокатот тврди дека не ги испила лековите
Селма Блер се соочува со сериозни обвиненија по инцидент на лет на „Делта Ерлајнс“ од Лос Анџелес до Њујорк. Според обвинителните наводи, таа нападнала членови на кабинскиот екипаж, а по слетувањето на аеродромот „Џон Ф. Кенеди“, клоцнала полицаец и медицинска сестра.
54-годишната холивудска актерка, позната по филмовите „Legally Blonde“ и „Cruel Intentions“, повредила двајца членови на екипажот, при што кај едниот имало крвавење од носот, а кај другиот траги од каснување. По слетувањето, службите добиле пријава за патничка која се однесувала насилно.
За сериозноста на ситуацијата сведочат и аудиоснимките од комуникацијата меѓу пилотот и контролата на летање. Во разговорот се споменуваат крвавење од нос и траги од каснување кај повредените. Пилотот наведува и дека патничката си ја удирала главата од внатрешниот ѕид на авионот, поради што било потребно и таа да биде прегледана од медицински лица.
Но, инцидентите продолжиле и за време на транспортот со амбулантно возило, кога Блер наводно повеќепати го клоцнала полицаецот, а во болницата нападнала и медицинска сестра.
Адвокатот Шон Барнс пред судот изјави дека нејзините постапки не биле намерни и дека инцидентот бил последица на сериозна медицинска состојба. Блер, која боледува од мултиплекс склероза, наводно пропуштила неколку дози од моќен лек кој ѝ помага да ги контролира тешките невролошки симптоми.
Барнс посочи и дека актерката се качила во авионот по напорен работен период и долги часови снимање, а за време на летот си ја удрила главата. Според одбраната, комбинацијата од пропуштената терапија, исцрпеноста, повредата на главата и висината на која летал авионот предизвикала состојба на тешка збунетост и дезориентација.
Адвокатот побара и судот да ја земе предвид нејзината досегашна кариера, опишувајќи ја како „златен стандард“ и нагласувајќи дека насилството не е дел од нејзиниот карактер. Судијата одби да ѝ даде посебен третман поради нејзината популарност и ѝ одреди кауција од 20.000 долари во готовина или гаранција од 60.000 долари, а следното рочиште е закажано за 19 јануари 2027 година.
Ова не е прв инцидент на Блер за време на лет. Во 2016 година, по патување од Мексико до Лос Анџелес, актерката доживеала сериозен испад, поради кој морале да интервенираат медицински лица. Подоцна јавно се извинила, објаснувајќи дека ненамерно ги измешала лековите со алкохол, по што ја изгубила контролата врз своето однесување.
Во своите мемоари од 2022 година, Селма Блер откри дека нејзината необична навика да гризе луѓе се појавувала кога ќе била „преплавена од емоции“ во јавност. Меѓу познатите личности кои биле дел од ваквите инциденти се Сиена Милер, Сет Макфарлан и Кејт Мос.
Блер, која е мајка на едно дете, откри дека боледува од мултипла склероза во 2018 година.