„Фросина, убавина, гулаб бел и светлина...“: Емотивна балада посветена на младата Фросина Кулакова која прерано го загуби животот
Емотивна балада посветена на Фросина Кулакова допира длабоко до срцата.
„Фросина, убавина, гулаб бел и светлина... Фросина, детелина, ревија и судбина“ – е рефренот кој нема да ве остави рамнодушни.
Песната ја исполнува Александар Митевски заедно со женскиот хор ФРИДА. Текстот е дело на Огнен Неделковски додека зад музиката и аранжманот стои Александар Митевски.
На профилот на Дац и Александар беше објавена песната заедно со пораката:
Слушнете ја “ФРОСИНА”, 💔 балада во спомен на Фросина Кулакова чија младост згасна на денешен ден 29 јануари минатата година
🙏 Песната е емотивен подарок од авторите Александар Митевски и Огнен Неделковски за семејството Кулакови и Фондацијата „Фросина Кулакова”.
Напишана и родена во една доцна ноќ и во еден здив како демо снимка со текстот на Огнен и музиката и гласот на Александар 🎶
„Фросина” нека биде спомен, парче светлина, капка утеха, поука за нацијата и лек за душата ❤️
Да ја споделиме пораката, емоцијата и поддршката во пресрет на вечерашната донаторска вечер на Фодацијата „Фросина Кулакова” во 19:00 часот.
„Баладата е создадена како искрена, лична и достоинствена почит, но и како јавна порака дека музиката, како и уметноста, може да биде форма на паметење, завет и повик за промена“ – порачуваат од Фондацијата „Фросина Кулакова“.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за градење култура на грижа, правда и свесност. Преку кампањи за општествена одговорност, културни и едукативни проекти и директна поддршка, Фондацијата има за цел да го претвори личниот губиток во јавна мисија што создава смисла и општествено дејствување.
Средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за развој на програмите на Фондацијата, меѓу кои централно место имаат обезбедувањето психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и формирањето фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.
Вечерва и официјално ќе биде одбележан почетокот на работата на Фондацијата со донаторската вечер насловена „Threads of Light“ во ресторан Везилка со почеток во 19 часот.
Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само еден трагичен момент, туку долг и тежок процес на соочување со последиците, и дека токму затоа овој настан не е замислен само како еднократна вечер, туку како почеток на една поширока и подлабока општествена иницијатива.
Донаторската вечер „Threads of Light“ претставува прв јавен чекор во работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“ и почеток на една мисија во која уметноста, културата и човечката солидарност стануваат сојузници на промената.