„Еден ден Каја ќе се гордее со тато. Ова не го правам за признанија, туку...“: Искрено со Борче од „Донирај компјутер“
Некои луѓе не зборуваат многу за хуманост, тие едноставно ја покажуваат на дело, а токму таков пример е Борче Стаменов.
Основачот на иницијативата „Донирај компјутер“, човекот кој со години неуморно собира, поправа и донира употребена ИТ-опрема таму каде што е најпотребна, оваа година доби и највисоко државно признание – наградата „Мајка Тереза“ за особено значајни остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност. Признание што симболично заокружи скоро една деценија посветена на борба за еднакви можности, особено за децата од социјално загрозени семејства.
Но, 2025 година за Борче не беше значајна само поради наградата. Таа беше и година на големи лични промени, година во која стана сопруг на Оле и татко на малата Каја, улоги кои, како што самиот вели, му го сменија погледот кон светот и уште повеќе ја продлабочија емпатијата со која ја води својата мисија.
Од „луда идеја“ започната со неколку компјутери, „Донирај компјутер“ денес е сериозна хуманитарна платформа, зад која и понатаму стои истиот човек кој верува дека секое дете заслужува шанса и дека добрината, кога е искрена, секогаш наоѓа пат.
За Фемина, 48-годишниот хуманитарец искрено зборува за најтешките моменти, малите и големите победи, за одговорноста која ја носи довербата на луѓето, но и за тоа како татковството ја менува хуманоста од мисија во длабоко лична приказна.
Кога ќе погледнеш наназад на годината која измина, што би рекол дека беше најтешкиот момент – оној кој те натера да застанеш и сериозно да се преиспиташ?
Најтешко беше кога сфатив дека бројот на семејства и деца на кои им е потребна помош расте побрзо отколку нашите ресурси. Тоа беше момент кога застанав и сериозно се преиспитав. Дали правиме доволно, дали можеме повеќе и како да продолжиме без да ја изгубиме суштината на иницијативата и себе?
А што беше најголемата победа, не нужно по бројки, туку нешто кога почувствува дека сето она вложено има смисла?
Најголемата победа е секој момент кога ќе видам дека едно дете добило можност која претходно ја немало. Кога ќе добиеме порака дека детето добило уред и сега редовно може да следи настава, учи и напредува. Тогаш сфаќам дека сето вложено време, енергија и нерви имале смисла.
Постои ли приказна или конкретен случај од изминатава година кој засекогаш ќе ти остане врежан во сеќавање? Зошто токму тој?
Имаше детенце кое по добиениот компјутер ни пиша: „Сега и јас сум како другите, фала ви до небото“.
Има многу, но еве еден. Имаше едно детенце кое по добиениот компјутер ни пиша: „Сега и јас сум како другите, фала ви до небото“. Таа едноставна реченица ме погоди најсилно, затоа што во неа е содржано сè за што „Донирај компјутер“ се залага. Желбата да се биде еднаков, да припаѓаш и да не се чувствуваш изоставен од околината.
„Донирај компјутер“ започна како „луда идеја“, а денес е сериозна хуманитарна платформа. Во кој момент сфати дека ова веќе не е само иницијатива, туку одговорност?
Во моментот кога луѓето почнаа да нè чекаат. Кога повеќе не прашуваа дали ќе помогнеме, туку кога. Тогаш сфатив дека „Донирај компјутер“ повеќе не е идеја, туку е движење кое има доверба која мора да се оправда.
Која е најголемата заблуда што луѓето ја имаат за хуманитарната работа?
Хуманитарната работа значи да работиш со ограничени ресурси и голем, голем емотивен товар
Дека е секогаш убава и инспиративна. Во реалноста, хуманитарната работа често значи да носиш тешки одлуки, да работиш со ограничени ресурси и голем, голем емотивен товар кој го носиш со себе и дома кој мораш да научиш да го менаџираш за да не „изгориш“.
Често се споменуваат бројки – илјадници донирани компјутери, илјадници евра помош. Но, што за тебе значи еден компјутер, за едно дете?
Еден компјутер значи пристап до знаење, можност за учење и забава и чувство дека и тоа дете има еднаква шанса како и неговите врсници. Понекогаш значи и искра која може да го промени целиот негов животен правец.
Дали некогаш си почувствувал дека не можеш да помогнеш на сите и како се справуваш со тоа чувство?
Болно е, но учиш дека не можеш да им помогнеш на сите
Тоа чувство е едно од најтешките. Болно е, но учиш да прифатиш дека не можеш да спасиш сè, дека не можеш да им помогнеш на сите, туку да направиш разлика таму каде што можеш. Најважно е да не дозволиш тоа чувство да те запре. Затоа и имаме списоци на чекање. Никој не е заборавен и порано или подоцна ќе си го добие тоа што го побарал од нас.
Која е најголемата цел која сè уште не си ја остварил, а тивко ја носиш со себе?
Секое дете во Македонија да има пристап до основна технологија за учење. Тоа можеби звучи амбициозно, но без големи цели, нема вистински промени. Ние сме на добар пат да го постигнеме тоа!
Оваа година за тебе не беше значајна само професионално, туку и лично – стана сопруг на Оле, а и татко на Каја. Како овие нови титули те променија како човек?
Ме направија посвесен, посмирен и поодговорен. Денес многу појасно знам што е навистина важно и за кого вреди да се бориш. Пред да ги добиеш тие титули, луѓе кои ги имаат буквално „те плашат” со нивните искуства. Но, секој живот е различен, секој брак е различен, секое дете е различно. Спремен сум за што и да ме чека во иднина. За сега супер се снаоѓаме и двајцата. И конечно „Донирај компјутер“ после 9 години е ставена, оправдано, во втор план.
Дали татковството го промени и твојот поглед и однос кон децата на кои им помагаш преку „Донирај компјутер“?
Без разлика што уште е рано и ние уште се освестуваме од раѓањето на Каја, апсолутно. Јас и пред тоа секое дете го гледав како нечие дете, со родители кои се борат, се грижат, се надеваат и пробуваат да му обезбедат помирен живот. Тоа носи уште поголема емпатија, но и одговорност кај мене.
Каде ја наоѓаш силата кога си уморен, разочаран или кога системот не функционира? Кој ти е најголемата поддршка?
Најмногу во семејството, во тимот и во луѓето што веруваат во оваа мисија. Кога ќе видиш дека не си сам, полесно се продолжува понатаму. За среќа, нашата поддршка низ годините постојано расте.
Што би ѝ порачал на Каја, кога еден ден ќе порасне и ќе праша: „Тато, зошто го правеше сето ова?“?
Секогаш вреди да се застане на страната на оние кои немаат глас
Дека ова не го правев за признанија или бројки, туку затоа што верував дека добрината има смисла. И дека секогаш вреди да се застане на страната на оние кои немаат глас. Знам дека еден ден ќе се гордее со тато.
Твоја новогодишна порака?
Да бидеме повеќе луѓе, а помалку рамнодушни. Да си помагаме меѓусебно и да не заборавиме дека промената, колку и да е таа мала, почнува од секој од нас. Ние почнавме со 3-4 компјутера. Видете каде сме сега!
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk