„Доаѓам од мала земја со огромно срце“: Македонската мисица Ева Величковска за искуството на Мис на светот во Виетнам
Од Македонија до една од најголемите светски сцени... Ева Величковска деновиве е во Виетнам, каде ја претставува нашата земја на престижниот избор Мис на светот.
Зад неа се месеци подготовки, внимателно осмислени настапи и бројни ангажмани, но и големата одговорност достоинствено да го носи македонското име пред публика од целиот свет.
Во пресрет на големото финале, Ева во интервју за Фемина зборува за возбудата и одговорноста кои ги носи ова искуство, подготовките за секое појавување, креациите со кои ја претставува Македонија и националниот костим кој ја раскажува приказната за нашата земја. Ни откри и како изгледа секојдневието зад сцената, какви пријателства се создаваат меѓу девојките од целиот свет и која е пораката која сака да ја испрати преку своето учество на Мис на светот.
За Ева, ова е можност Македонија да ја претстави со гордост, со самодоверба и со многу срце.
Со какви мисли и емоции се сеќаваш на моментот кога дозна дека токму ти ќе ја претставуваш Македонија на „Мис на светот“?
За мене е голема чест, но и мотив да ја претставам нашата земја достоинствено
Тоа беше момент во кој се измешаа огромна среќа, возбуда, но и чувство на одговорност. Кога ќе слушнете дека токму вие ќе ја претставувате Македонија на една толку голема светска сцена, сфаќате дека повеќе не настапувате само во свое име. За мене тоа е голема чест, но и мотив да ја претставам нашата земја достоинствено и да покажам дека Македонија има прекрасни, амбициозни и самоуверени млади жени кои имаат што да кажат.
Моментално си во Виетнам, а деновите пред големото финале се исполнети со бројни свечености и активности. Колкав предизвик беше стилски да се подготвиш за секоја од нив? Кој стои зад креациите што ги носиш и колку време беше потребно за да ја испланирате целата гардероба?
Подготовката беше многу пообемна отколку што можеби изгледа од страна, бидејќи за секој настан постои различен протокол и секое појавување треба да биде внимателно осмислено. Голем дел од подготовките ги реализиравме во Истанбул заедно со тимот на Miss Macedonia, предводен од Шакир Села, кој стои и зад модната куќа DAMAN.
Во подготовката на мојата гардероба голема поддршка добивме и од ABAZ EXCLUSIVE од Струга, кои ни помогнаа со дел од свечените фустани што ги носам во Виетнам. Особено ми значи што токму нивна креација ќе носам и на финалната вечер, момент кој за мене ќе биде кулминација на целото ова искуство.
Целиот процес бараше многу време, проби и внимателно планирање. Сакавме секое мое појавување да има свој карактер, а истовремено целокупниот визуелен идентитет да биде елегантен, современ и достоен за претставничка на Македонија на една ваква светска сцена.
Посебно внимание на ваквите избори секогаш привлекува националниот костим. Каква приказна раскажува твојот и кои македонски мотиви или симболи ги носи во себе?
Националниот костим за мене е еден од најемотивните сегменти од целото претставување, бидејќи преку него не се претставувам само себе, туку и дел од нашата култура, традиција и идентитет. Идејата беше да се создаде впечатлив изглед кој ќе ја носи препознатливоста на Македонија, но истовремено ќе биде претставен на начин кој може да комуницира со светска публика.
Преку националниот костим ја претставувам нашата култура, традиција и идентитет
Особено ми е драго што зад целиот процес стои тим кој разбира колку е важно на ваква сцена секој детаљ да има значење. Едвај чекам публиката да го види комплетното претставување.
Престојуваш во Виетнам со девојки од целиот свет и веројатно веќе имате многу интересни дружби. Се роди ли пријателство за кое веруваш дека ќе продолжи и по завршувањето на изборот?
Апсолутно. Една од најубавите страни на ова искуство е што за многу кратко време запознавате девојки од сосема различни култури, а сепак откривате колку многу заеднички работи имате. Иако постои натпреварувачки момент, атмосферата меѓу нас е исполнета и со поддршка, разговори и многу заеднички моменти. Верувам дека дел од пријателствата што се создаваат овде ќе продолжат и долго по завршувањето на изборот.
Колку девојките од другите земји знаат за Македонија? Се случи ли некоја од нив да те изненади со нешто што веќе го знаеше за нашата земја?
Интересно ми е да гледам колку различно луѓето ја познаваат Македонија. Некои знаат повеќе, некои првпат имаат можност да разговараат со некого од нашата земја, а токму тоа ми дава можност јас да им ја доближам. Секогаш ми е посебно драго кога некоја од девојките ќе препознае нешто поврзано со Македонија или ќе покаже искрен интерес да дознае повеќе. Тогаш разговорот многу брзо преминува во покана еден ден и лично да ја посетат.
А што е првото нешто што ти им го кажуваш за Македонија кога ќе те прашаат од каде доаѓаш?
Раскажувам дека доаѓам од мала земја со огромно срце
Дека доаѓам од мала земја со огромно срце. Им раскажувам за нашата природа, храната, традицијата и гостопримството, но најмногу за луѓето. Македонија можеби е мала на картата, но има многу силен карактер, богата култура и места кои навистина вреди да се доживеат. Најчесто разговорот го завршувам со: „Мора да дојдете и самите да ја видите.“
Голема одговорност е да се носи македонското знаме на светска сцена. Што ти значеше моментот кога ја стави лентата со името на нашата земја и сфати дека ја претставуваш татковината пред милионска светска публика?
Тоа е чувство кое тешко може целосно да се опише. Кога на лентата ќе го видите името Macedonia, одеднаш сè станува многу поголемо од вас самите. Во тој момент помислив на моето семејство, луѓето кои ме поддржуваат, тимот на Miss Macedonia и сите подготовки кои ме донесоа до тука.
Сакам луѓето од Македонија да почувствуваат дека нивната земја е претставена со срце
Чувствувам гордост, но и голема одговорност. Сакам секое мое појавување да биде достоинствено и луѓето кои ме гледаат од Македонија да почувствуваат дека нивната земја е претставена со срце.
На изборите за убавина секоја учесничка се претставува со свој посебен адут или талент. Што подготви ти за талент-точката во Виетнам и со што планираш да ја освоиш публиката и жирито?
За мене најважно е настапот да не биде само нешто што визуелно ќе привлече внимание, туку да има карактер и да покаже дел од мојата личност. Сакам публиката да почувствува самодоверба, енергија и автентичност. Деталите би сакала сè уште да ги оставам како мало изненадување, затоа што мислам дека дел од убавината е публиката да го доживее моментот тогаш кога ќе се случи.
„Мис на светот“ одамна не е само избор за убавина, туку и платформа преку која учесничките зборуваат за теми и каузи кои им се важни. Која е пораката која ти лично сакаш да ја испратиш во светот преку своето учество на „Мис на светот“?
За мене убавината има вистинска вредност кога зад неа постојат карактер, емпатија и цел. Би сакала моето учество да испрати порака дека една млада жена не мора да избира помеѓу женственоста, амбицијата, интелигенцијата и силата. Можеме да бидеме сето тоа истовремено.
Една млада жена не мора да избира помеѓу женственоста, амбицијата, интелигенцијата и силата. Можеме да бидеме сето тоа истовремено
Ако моето присуство на оваа сцена мотивира барем една млада девојка од Македонија да верува повеќе во себе, да сонува поголеми соништа и да не се плаши да излезе надвор од својата комфорна зона, за мене тоа веќе има огромна вредност.
Зад твоето учество стои тимот на Miss Macedonia. Во кои сегменти нивната поддршка ти беше најважна?
Искрено, зад едно вакво претставување стои многу повеќе работа отколку што може да се види на фотографиите и видеата. Miss Macedonia беше со мене низ целиот процес – од организацијата и подготовките, до начинот на кој ќе ја претставиме Македонија на меѓународна сцена.
Особено сум благодарна на Шакир Села, кој го предводи целиот процес и со кого поминавме интензивни подготовки во Истанбул. Неговото искуство, чувството за мода и познавањето на ваквите меѓународни настани ми дадоа голема сигурност. Преку неговата модна куќа DAMAN работевме и на важен дел од мојот визуелен идентитет и креациите за претставувањето.
Голема благодарност и до ABAZ EXCLUSIVE од Струга, кои се вклучија во подготовките и ни помогнаа со свечени креации, а особено сум возбудена што токму нивен фустан ќе носам на финалната вечер.
Најважно од сè ми е чувството дека зад мене стои тим кој размислува за секој детаљ. Кога ќе пристигнете на другиот крај од светот и треба самоуверено да ја претставувате својата земја, многу значи да знаете дека не сте сами и дека зад вас стојат луѓе кои веруваат во вас.
А кога ќе се изгаснат рефлекторите и ќе ги тргнеш шминката, високите потпетици и свечените креации, каква е Ева во секојдневието? Кои се малите нешта и ритуали без кои не можеш да го замислиш денот?
Тогаш сум само Ева. Сакам едноставни моменти, добра музика, време со луѓето кои ги сакам и оние мали паузи во денот кога можам да останам сама со своите мисли. И овде, среде интензивниот распоред, се трудам да најдам барем малку време за себе, да се одморам и да се потсетам да уживам во она што ми се случува.
Зад шминката, креациите и сцената, стои една сосема нормална девојка
На крајот, зад шминката, креациите и сцената, стои една сосема нормална девојка која е благодарна што добила можност да живее едно навистина необично искуство.
Кога би требало со само три зборови да им се претставиш на луѓето ширум светот кои те запознаваат сега во Виетнам, кои би биле тие?
Амбициозна. Автентична. Храбра.
Три зборови кои најдобро опишуваат не само каква сум, туку и каква сакам да останам низ целото ова искуство.