Светот на филмот и боречките вештини изгуби една од своите најголеми икони. Легендарниот актер Чак Норис почина на 86-годишна возраст, оставајќи зад себе богато наследство кое ќе се памети со генерации.
Веста за неговото заминување ја потврди неговото семејство преку емотивна објава на Инстаграм, откривајќи дека актерот починал мирно на Хаваи, опкружен со своите најблиски.
Со тешко срце нашето семејство ја споделува веста за ненадејното заминување на нашиот сакан Чак Норис вчераутро. Иако би сакале околностите да ги задржиме во приватност, ве молиме знајте дека тој беше опкружен од своето семејство и замина мирно.
За светот, тој беше мајстор за боречки вештини, актер и симбол на сила. За нас, тој беше посветен сопруг, сакан татко и дедо, неверојатен брат и срцето на нашето семејство.
Го живееше својот живот со верба, цел и непоколеблива посветеност кон луѓето кои ги сакаше. Преку својата работа, дисциплина и добрина, инспирираше милиони ширум светот и остави трајна трага во многу животи.
Иако нашите срца се скршени, длабоко сме благодарни за животот што го живееше и за незаборавните моменти што имавме благослов да ги споделиме со него. Љубовта и поддршката што ја добиваше од обожавателите од целиот свет му значеа премногу, и нашето семејство е искрено благодарно за тоа. За него, вие не бевте само обожаватели, вие бевте негови пријатели.
Знаеме дека многумина од вас слушнаа за неговата неодамнешна хоспитализација и навистина сме благодарни за молитвите и поддршката што му ја испративте.
Додека тагуваме поради оваа загуба, љубезно замолуваме за приватност за нашето семејство во овие тешки моменти.
Ви благодариме што го сакавте заедно со нас.
Со љубов,
Семејството Норис
Неговата кариера претставува вистинска холивудска приказна за успехот. Откако ја надминал својата почетна несигурност и срамежливост преку тренирањето карате за време на воената служба, Норис успеа да стигне до самиот врв. Неговиот голем филмски пробив се случи во 1972 година, кога застана рамо до рамо со својот пријател, легендарниот Брус Ли, во култниот филм „The Way of the Dragon“.
Оваа улога трајно му ги отвори вратите кон ѕвездите, по што следеа низа блокбастери во осумдесетите години, како „Missing in Action“ и „An Eye for an Eye“, со кои се етаблираше како еден од најголемите акциони херои на сите времиња.
Најголемата телевизиска слава ја достигна во деведесеттите години со хит-серијата „Walker, Texas Ranger“.
Во изминативе децении, Норис стана и вистински феномен во поп-културата благодарение на виралните интернет шеги за неговата моќ и непобедливост, кои самиот тој ги прифати со одлична смисла за хумор.
Пред само десет дена тој го прослави 86-тиот роденден и сподели видео во кое се бори со противник на Хаваи.
За жал, неговата здравствена состојба се влошила во изминативе денови и беше хоспитализиран пред да ја изгуби битката за живот.
Норис ги остави зад себе сопругата Џина О’Кели и пет деца.