Боби Додевски искрено за 3-те разводи: „Се оженив со мигрантка, ми роди син и си замина без да се поздрави…“
Љубовна приказна која го обиколи светот, три разводи и сега среќен брак, загуба на дете и тешка борба за животот на другиот син. Зад насмевката на Боби Додевски се крие живот исполнет со настани кои оставиле длабока трага врз него, а за дел од најболните моменти зборуваше отворено во подкастот на Стефан Лазаров.
Македонскиот полицаец, кој во 2016 година се најде во центарот на вниманието на светските медиуми поради љубовта со курдската мигрантка Нора, раскажа како започнала нивната приказна, низ што поминале како семејство и како се соочил со најтешката загуба.
Приказната на Боби Додевски и Нора Аркавази во 2016 година ги привлече погледите на светот. Тој беше полицаец на граничниот премин Табановце, а таа една од многуте мигранти кои, бегајќи од војната, бараа пат кон побезбедна иднина.
„Јас сум полицаецот кој ожени мигрантка од кампот во Табановце“ – често вели Боби, кој во подкастот на Лазаров раскажа:
Тогаш бев на служба... Тоа беше првиот ден откако Србија ја блокираше границата и не пушташе повеќе мигранти да одат нагоре. Нас во една вечер ни поминуваа можеби 10-15 илјади мигранти затоа што бегаа од Сирија, од Ирак... Нас ни се собираа луѓе. Тие беа оние кои во првите четири дена буквално во кал живееја на меѓузона. Кај нас имаше наредба да не ги примаме назад, а Србите имаа наредба да не можат нагоре да одат.
Нора ја запознав буквално во кал. Таа е онесвести и сакав да ѝ помогнам... Реално многу лоша им беше состојбата на тие луѓе... Буквално три дена никој не сакаше да ги прими и ние бевме тука да ги чуваме... Се запознавме со нејзе и започнавме да се дружиме и решивме дека сакаме да живееме заедно. Се знаевме 2-3 месеци пред да се венчаме. Се гледавме во кампот, бидејќи јас работев таму.
Решивме дека сакаме да бидеме заедно. Таа остана бремена. Јас бев единствениот човек во Куманово кој присуствувал на пораѓај... заради јазикот. Не знам што се случи, бебето се крена нагоре. Мене ме исфрлија од породилната сала... Бебето мораше да оди во Скопје на интензивна. Подоцна ми кажаа дека бебето се угуши, бидејќи не го извадиле на време, го вратиле со реанимација и му се оштетува мозокот 80%. Бебето се викаше Илија, беше на апарати...
Тука заврши нашата приказна, нашата љубов или не знам како да кажам, затоа што мораше да ја напушти бебето болницата, а немаше услови да се земат такви машини за одржување. Единствено решение беше да се даде во „Мајчин дом“ во Битола „на посвојување“ каде што си плаќав издршка јас, а таа си замина за Ирак.
Илија живеел уште три години, но неговата здравствена состојба останала тешка. По неговата смрт, Боби морал да продолжи понатаму со загуба која оставила неизбришлива трага во неговиот живот.
Илија беше жив три години во една страшна состојба и после три години почина...
Јас знам како е да изгубиш и брат и татко и дете. Позади оваа насмевка стои голем товар и затоа се трудам да бидам, колку што може во границите, нормален.
Во тие три години, јас одев да го гледам, си плаќав и издршка. Таа си замина буквално без поздрав и го остави Илија на моја одговорност. Ми рече сакам да продолжам по друг живот и замина – раскажа тој.
По завршувањето на бракот со Нора, Боби не се откажал од можноста повторно да пронајде љубов и семејна среќа. Денес веќе 8 години е во брак со Тања, со која добил две деца – Евгенија и Војдан. Но, и во нивниот заеднички живот не изостанале тешките моменти.
Ние се венчавме иако сите беа против нас, само Господ беше со нас. Решивме да се преселиме во Скопје... Се роди Евгенија се роди и Војдан. Имавме можеби пари да си купиме стан, меѓутоа се случи огромен здравствен проблем со Војдан. Се роди без никаков проблем, добро напредуваше. Еден месец после првиот роденден на него му се случува енцефалит. Тоа ти е од кревање на температура и паѓање на имунитетот... Тој добива 240 епилептични напади за 2 дена, значи буквално да му изгори мозокот и постоеше опасност дека тој ќе остане билка.
Огромна благодарност до мојот брат Тони Михајловски и Ана кои се јавија на најуспешната докторка-педијатар Софијанова Цули и докторка Лејла која дојде и му го спаси животот, му ги сопре нападите за само 40 минути. Јас сум им живот должен на нив две. Благодарение на нив две успеавме Војдан да се излечи... Поминавме страшна голгота - рече Боби.
Денес Војдан е здрав и се развива без последици од тешката состојба низ која поминал. За Боби и неговото семејство, тоа е најголемата победа по период исполнет со неизвесност и страв.
Целиот подкаст можете да го гледате тука: