Блогерка која патува низ светот одушевена од убавините на Охрид: „Прекрасни православни цркви, кристално чиста вода“
Популарна блогерка, која со години ги споделува своите патувања низ светот, по вторпат го посети Охрид и не ги криеше импресиите од убавините на македонскиот туристички бисер.
Кортни Леопард, креаторка на профилот „She Travelled the World“, сподели фотографии и видеа од својата посета на Охрид, опишувајќи го градот како прекрасно место покрај езеро, со импресивни православни манастири и кристално чиста вода.
„Еднодневно патување од Тирана до Охрид 🇲🇰🐟⛵️🍦⛱️
Охрид е прекрасен град покрај езеро, познат по своите прекрасни православни цркви и манастири, кристално чистата вода и неверојатните погледи кон езерото. Го посетив за првпат во 2019 година, а сега повторно се вратив за да уживам во убавината на Охридското Езеро“ – напиша таа.
Убавата русокоса е родена во Велика Британија, а десет години од детството поминала во Австралија. Патувањата отсекогаш биле важен дел од нејзиниот живот, но вистинската пресвртница дошла во 2016 година, кога го имала првото патување со ранец, а ги посетила Франција, Швајцарија, Италија и Грција.
Само една година подоцна, во 2017 година, случајно го направила и своето прво соло патување. Откако пријателката во последен момент морала да го откаже заедничкото патување во Луксембург, Кортни решила да замине сама. Тоа искуство целосно ѝ го променило животот.
Оттогаш, соло патувањата ѝ станале голема страст и ја поттикнале да го создаде својот блог „She Travelled the World“.
Денес, Кортни е позната по своите фотографии и видеа од различни делови на светот, а нејзиниот профил го следат повеќе од 200.000 луѓе. Таа споделува совети за соло и буџетски патувања, како и живописни моменти од дестинации ширум Европа, Азија и други делови од светот.