Битолчанката Ирена Србиновска и „ергенот“ Локи го очекуваат второто дете месеци по третиот спонтан абортус: „Најубавиот дар“
Ирена Србиновска и Локи Гилберт имаат прекрасна вест – нивното семејство наскоро ќе добие нов член.
35-годишната битолчанка, која победи во осмата сезона од австралиското реално шоу „The Bachelor“ освојувајќи го срцето на згодниот Локи, е бремена со второто дете. Веста ја сподели со фотографии на кои ќеркичката Ава држи снимка од ултразвукот.
Пред само неколку месеци Ирена сподели дека имала трет спонтан абортус.
Нашите срца се преполни додека ја споделуваме прекрасната вест дека нашето семејство расте. 🤍
По сè што поминавме за да стигнеме до овој момент, овој мал живот ни изгледа како најубавиот дар.
Знаеме дека оваа вест може да разбуди различни емоции кај различни луѓе. До сите оние кои се соочуваат со неплодност, бременост по загуба или тагуваат по бебето кое толку многу го посакувале – ве гледаме и ви испраќаме многу љубов. 🪽
Засега, уживаме во секој момент и сме неизмерно благодарни.
Ава ќе стане голема сестра. 🥹
Наше мало љубовче, веќе те сакаме повеќе отколку што можат да опишат зборовите. 🌈
#виножитобебе - стои во нејзината објава.
Ирена, која потекнува од Битола, и Локи се запознаа во осмата сезона на австралиското реално шоу „The Bachelor“, во кое таа го освои неговото срце. Во 2023 година стапија во брак, а во февруари 2024 година ја добија ќеркичката Ава.
Патот до создавање на нивното семејство не бил лесен, бидејќи парот се соочил со болни загуби. Ирена го имаше првиот спонтан абортус во 2021 година, уште пред да ја добие Ава, вториот во 2023 година, а во јуни годинава отворено зборуваше и за својата трета загуба.
Тогаш откри дека дознала за спонтаниот абортус откако нејзиниот лекар забележал дека резултатите од крвта укажуваат дека нешто не е во ред. Ирена раскажа дека воопшто не очекувала таква вест бидејќи ги имала сите симптоми на бременост.
„Се најавив на резултатите, ги видов на екранот и таму пишуваше дека имам спонтан абортус. Само што ги прочитав, веднаш заплакав, на работа, пред колегите. Тие немаа појма дека сум бремена“ – раскажа таа, додавајќи дека и Локи бил скршен од болка.
Ирена и Локи сега уживаат во секој момент од бременоста, која за нив има посебно значење, како ново виножито по тешка бура.