Експериментирањето во кујната носи посебни доживувања и многу забава. Одвреме-навреме заборавете на традиционалните јадења и испробајте нов микс на вкусови.
Ви недостига идеја? Еве како да направите пилешко во слатко-кисел сос:
Состојки за месото
| 400 грама | пилешко бело месо (филе) | 
| 4 големи лажици | брашно | 
| 4 големи лажици | пченкарно нишесте | 
| ½ мала лажица | пециво | 
| 100 милилитри | вода | 
| масло | 
Подготовка на месото
- Во длабок сад се мешаат брашното, нишестето, пецивото и водата – до изедначување на смесата. Добиената смеса треба да биде за нијанса погуста од смеса за палачинки.
 - Пилешкото месо се сецка на коцки и се додава во смесата од брашно.
 - Месото се пржи во загреано масло на висока температура. Испржените коцки месо се ставаат во чинија обложена со кујнска хартија.
 
Состојки за сосот
| 2 големи лажици | пченкарно нишесте | 
| ½ шолја | вода | 
| 1 шолја | шеќер | 
| ½ шолја | кечап | 
| 1 конзерва | ананас (227 гр. со течност, т.е. 136 гр. нето) | 
| 1 главица | кромид | 
| 200 грама | пиперки (по можност во различни бои) | 
Подготовка на сосот
- Во тавче налејте го сокот од конзервата со ананас и додајте ги шеќерот и кечапот. Ставете го тавчето на средна температура и оставете ги состојките да се соединат (2-3 минути).
 - Во мал сад измешајте ги водата и нишестето. Откако ќе се раствори нишестето, додајте го во тавчето со сокот од ананас. Измешајте и откако ќе се згусни, тргнете го слатко-киселиот сос настрана.
 - Се сецкаат кромидот, пиперките и ананасот. Се запржува кромидот, па се додаваат сецканите пиперка, а по 5 минути и ананасот. Се пржи сè заедно уште 5-6 минути.

 - Се додава слатко-киселиот сос, а по 5 минути и пилешкото месо. Се остава да прокрчка.
 
Пилешкото во слатко-кисел сос можете да го послужите врз басмати ориз (300 грама). При подготовката на оризот, соодносот вода-ориз треба да биде 2:1. Оризот е готов кога водата целосно ќе испари.
Рецептот е на форумџиката @do-re-mi, која доби најмногу гласови во кулинарскиот натпревар „Фемина готвач – Тема: Слатко-солено јадење“.
		
