Топлите сончеви денови нè асоцираат на полесни оброци кои не бараат премногу состојки и за кратко време се готови за да бидат послужени на трпезата.
Во продолжение ќе најдете одлична идеја за летен ручек без месо, во кој главна улога имаат доматите.
Состојки за салатата
| 1 црпалка | варен бел грав | 
| ½ | печена пиперка | 
| ½ | домат | 
| кромид | |
| лук | |
| сол | |
| бибер | |
| магдонос | |
| масло | |
| маслинки | 
Подготовка на салатата
- Сварете го гравот без зачини.
 - Во исцедените зрна грав додајте ја печената пиперка исечкана на покрупни парчиња.
 - Исечкајте го доматот на ситни коцки, а кромидот на тенки месечинки и додајте ги во салатата.
 - Едно чешне лук истолчете го со сол, бибер и масло. Прелијте ја салата со направениот дресинг и украсете со маслинки и магдонос.
 
Состојки за ќофтињата
| 1 | домат | 
| ¼ | главица кромид | 
| 1 | чешне лук | 
| 1 супена лажица | брашно | 
| 1-2 | кришки стар леб | 
| сол | |
| бибер | |
| магдонос | |
| 1-2 лажички | масло | 
Подготовка на ќофтињата
- Изберете „помесест“ домат. Од него отстранете ги семките и сочниот дел. Исечкајте го на ситно или испасирајте го на крупно. Важно е да не изгледа како каша, за да може да се чувствуваат мали парчиња при јадењето. Ставете го исечканиот домат во цедалка и оставете го неколку минути.
 - Исечкајте ги на ситно кромидот, лукот и магдоносот.
 - Натрошете го лебот.
 - Измешајте ги сите состојки. Додајте ги брашното и маслото и зачинете со сол и бибер по вкус. „Месете“ како кога приготвувате обични ќофтиња. Регулирајте ја густината на смесата со брашно, стар леб или лебни трошки.
 - Оставете ја смесата во фрижидер околу половина час за да се соединат состојките.
 - Премачкајте ги дланките со масло и оформете ги ќофтињата. Од оваа доза излегуваат 4 ќофтиња. Испржете ги во жешко масло.
 
Рецептот е на форумџиката @zhap4e, која доби најмногу гласови во кулинарскиот натпревар „Фемина готвач – Тема: Сè од домати“.
		
