Талентираната Тина Русева инстантно го освои вниманието на јавноста со својот впечатлив настап на „The Voice of Germany“. Нејзината интерпретација и динамичната енергија предизвикаа силни реакции, а македонската публика се обедини во поддршка.
Младата пејачка од Струмица за Фемина раскажа за нејзиниот пат, животот во Германија, музичките соништа и сè што следува по големиот успех.
Имено, таа веќе девет години својот живот го гради во Леверкузен во Германија – земја што ѝ отворила многу врати, но и земја во која не престанува да ѝ недостига домот.
„Завршив општа гимназија и да не беше натпреваров, ќе се запишев на факултет… Би сакала да студирам менаџмент“ – вели таа. Но, колку и да е далеку, срцето секогаш ѝ останува сврзано со Македонија. „Најмногу ми недостасуваат моите луѓе… дел од семејството, пријателите и сите тие моменти што ми го топлат срцето“ – додава со емоции.
Музиката, пак, е нешто што отсекогаш ја водело. Пее „откако знае за себе“, а уште како девојче сонувала еден ден тоа да биде нејзината професија. „Сите мои блиски отсекогаш ме охрабруваа и поддржуваа да го одам својот пат“ – открива Тина.
Денес, како Македонка на германската сцена, таа се соочува со предизвици, но не дозволува притисокот да ја скрши:
Тина
„Секако дека не е лесно. Како секој што доаѓа од друга земја, има предизвици и моменти кога треба да се докажуваш повеќе. Но, јас се концентрирам на музиката и на тоа да бидам најдобрата верзија од себе. Сметам дека ако веруваш во својот труд и љубовта кон тоа што го правиш, можеш да ја најдеш својата публика, без разлика од каде си.“
Нејзиниот прв настап во германскиот „The Voice“ предизвика вистинска бура на реакции, сите ментори се свртеа кон неа со воодушевување, а Тина тој миг го доживеа како потврда за својот талент:
„Јас само бев јас. Без глума, без преголеми очекувања. Верував во песната и во тоа што го носам. Кога се свртеа, не беше само радост, туку и чувство на исполнетост. Како да ми кажаа: ‘Да, на вистинскиот пат си’. Тоа ми даде уште поголема мотивација да растам понатаму“.
Сега е дел од тимот на Нико, а фокусот ѝ е на учењето и искуството.
Тина
„Искрено, за мене најважно е да учам и да растам покрај Нико и останатите талентирани учесници. Сакам да го извлечам максимумот од ова искуство… секој совет, секоја проба, секој настап. Победата, секако, би била голема чест, но не ми е тоа главната цел. Најмногу се надевам дека ќе оставам искрен впечаток и дека луѓето ќе ја почувствуваат мојата љубов кон музиката.“
Зад сцената владее изненадувачки топла атмосфера, вели Тина:
„Нормално е да има мала доза на конкуренција. Тоа е дел од натпреварот. Но, би рекла дека многу повеќе се чувствува пријателството и меѓусебната поддршка. Сите си даваме сила и совет кога е потребно и тоа ја прави атмосферата зад сцената прекрасна.“
За следниот настап в петок, талентираната музичарка подготвува нешто поразлично од тоа што го покажа досега:
„Досега се покажав како се снаоѓам во енергични и брзи песни, а сега ќе jа покажам и другата, односно емотивната страна од себе.“
Ја допревме и темата за иднината – каде Тина ја гледа својата кариера: во Германија, во Македонија, или на двете места паралелно, и дали планира музика и на македонски јазик.
„Сакам да просперирам и во Македонија и во Германиіа. Според мене, музиката не познава граници. Таа е универзален јазик и мојата желба е цел свет да ja слушне мојата музика. Секако во иднина планирам и македонски, а и англиски песни.“
За крај, на прашањето дали Македонија доволно ги поддржува своите таленти кога ќе заминат надвор, Тина гордо одговори:
„Искрено не знам, а и не можам да зборувам и за другите, но јас навистина добив огромна поддршка за која сум искрено благодарна. Медиуми, јавни личности, обични луѓе… сите се сплотија и ми пружија неизмерна љубов, која ми е голема мотивација за понатаму.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
