Почетна » Новости » Актуелно » „Дома“ не е безбедно за сите: Еве каде да се обратите ако сте жртва на семејно насилство

„Дома“ не е безбедно за сите: Еве каде да се обратите ако сте жртва на семејно насилство

Во овој период на домашна изолација, многу жени кои се жртви на семејно насилство ќе бидат под уште поголема закана. Калиа Димитрова, главна уредничка на сајтот Медуза, ни испрати текст заедно со сите институции и броеви кои им стојат на располагање на жртвите во овој период на криза.

Жртва на семејно насилство

Она што е заедничко за жртвите на семејно и родово базирано насилство, е дека излезот од насилните средини најчесто го наоѓаат во своите групи за поддршка кои се надвор од домот.

Откако започна периодот на изолација минатата недела, социјалните медиуми се преплавени со совети и идеи за тоа што се можеме да правиме дома за да ги го пополниме времето, да се чувствуваме помалку осамени, да се бориме со анксиозноста и немирот кој го носи оваа ситуации и како генерално да се грижиме за нашето ментално здравје. Мене, како и на повеќето луѓе од мојот социјален круг, ми паѓа тешко поголемиот дел од времето да го поминувам дома. Потребна ми е дневната рутина, одењето на работа и социјалните кругови во кои кои се чувстувам исполнета и своја.

Сепак, иако на моменти ужасно напорно, првата недела изолација во мојот дом, каде се чувствувам потполно безбедно и слободно, помина брзо и лесно. Од друга страна пак, свесна сум дека иако домот за мене претставува засолниште, за многу луѓе, токму домот е местото каде се најнебезбедни.

Пред неколку години, речиси секое утро се будев со викања, закани, крешење предмети и удари по ѕидовите од станот веднаш до мене. Пред неколку месеци партнерот на една моја познаничка при кавга ја заклучил во тоалет и ја оставил таму речиси цел ден. Голем дел од ЛГБТИ младите се под најголема закана од насилство токму во своите домови.

Домот може да биде фатален за една жртва. 80% од убиените жени во Македонија се убиени во нивниот дом, а 60% од убиствата се случени од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер.¹

Она што е заедничко за жртвите на семејно и родово базирано насилство, е дека излезот од насилните средини најчесто го наоѓаат во своите групи за поддршка кои се надвор од домот. Домашната изолација за жртвите значи дека освен што се поизложени на насилство во домот, имаат и помалку алатки на располагање за справување. Потребата да се поседува моќ и контрола над другите се едни од основните причини за семејното насилство. Соочувајќи се со пандемија, сите чувствуваме страв од губење на контрола над сопствените животи, а можноста да насилниците пробааат да ја повратат таа контрола преку жртвите e огромна.

Во период на криза или природна непогодба, семејното насилство е во пораст. Дополнително, со оглед на тоа што во овој случај главниот метод за превенција е домашна изолација, не може точно да се знае за какви размери на пораст на насилство ќе станува збор. Кога ќе се земат предвид сите фактори; анкциозноста и немирот кој сите ги чувствуваат, децата кои се дома по цел ден, непостоењето на можност за спортски, социјални, културни активности, кога буквално сите методи на ублажување на насилните ситуации, одеднаш исчезнуваат, што се случува тогаш?

Со цел да не дојде до драстичен пораст во семејното и родово базираното насилство, од исклучителна важност е да се даде значење на овој проблем на инситуционално ниво. Колку што е важно да се заштити јавното јавното здравје на сите граѓани, толку е важно и да им се подаде рака на ранливите групи кои се ставени во директна опасност поради домашната изолација. Колку поскоро се мапираат случаи кои се во опасна средина, толку подобро.

Министерството за труд и социјална политика објави соопштение до жртвите на семејно насилство кои имаат потреба од помош, поддршка и заштита од семејно насилство најпрво да се јават на Националната бесплатна мобилна СОС линија за жртви на семејно насилство 070/075/077 141 700; која обезбедува 24 часовна точна, навремена и доверлива информација за заштита на жртвите, достапните услуги и телефонско советување на жртвите на родово базирано насилство и семејно насилство. Во случаи кога постои сознание за загрозување на животот и здравјето на граѓаните, како последица на родово базирано насилство и семејно насилство, како и кога дете е жртва на семејно насилство, да се пријави до најблиската Полициска станица или надлежниот Центар за социјална работа.

Од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство ги охрабруваат сите жени кои преживуваат некаква форма на семејно или интимно партнерско насилство да го пријават истото во институцијата/организацијата во градот во кој живеат.

Она што е особено проблематично е фактот што жртвите на ваков тип на насилство можеби се економски зависни од насилниот партнер и/или родител и немаат каде да го поминат овој период на изолација освен под ист кров со насилникот. Баш затоа, во сервиси кои мораат да останат отворени за време на ваква криза треба да се вбројат и шелтер центрите, кои за многу жртви од насилство се еднинственото место каде тие можат да бидат безбедни во време на криза.

Сигурната куќа за ЛГБТИ жртви на насилство е сè уште отворена, со зголемени мерки за претпазливост поради пандемијата. Барањето за сместување во куќата може да се направи со вртење на бесплатната линија за помош 0800 66 66 6, а за сите подетални информации можете да се обратите на 023 075 025. За сите подетални информации можете да се обратите на 023 075 025 и 071210475.

За оние кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје поради домашната изолација, исто така постојат алатки и институции кои им се на располагање за време на изолацијата. Сепак, улогата на секој од нас не треба да се занемарува, нагласи денес психолот Лина Костарова. „На сите нив им треба поддршка и помош. Доброто е што секој може да им ја пружи, со малку поголема чувствителност, внимание и трпение, од појаките кон послабите и поранливите. Со голема придобивка за сите.“

Па така, затекнати во домашната изолација, принудени сме да најдеме нови форми со кои ќе се поддржуваме и ќе си помагаме едни со други. Еден таков пример е новата Фејсбук група ЛГБТИ заедно во само-изолација која во описот вели:

„Условите на само-изолација се предизвик за ЛГБТИ заедницата, особено за оние луѓе за кои да се биде тоа што сум значи да се биде надвор од дома. Во овие услови на Ковид-19 сметаме дека треба да направиме нешто за да обезбедиме заедничко нормално социјализирање како еден од основните предуслови за нашето ментално здравје. Имајќи ја предвид можноста од заострување на мерките и одолжувањето на времето за надминување на кризата, сметаме дека нашата поддршка, солидарност и човечки релации можеме да ги префрлиме онлајн. Заради тоа ја започнуваме оваа платформа со име „ЛГБТИ заедно во само-изолација“ на која во однапред одредени термини ќе најавуваме и правиме заеднички разговори и дружби преку компјутер или телефон. Колку и да звучи нереално ние веруваме дека нашата заедница знае да биде заедно и кога сме сами.“ Доколку имате желба и потреба да се приклучите кон оваа група, пишете им во порака на Skopje Pride.

Не сме сигурни колку време ќе трае овој период на изолација. Се надевам не долго. Но, додека трае, од особена важност е, да затекнати од стравот и неизесноста кои ги носи оваа закана по јавното здравје, не заборавиме дека постојат луѓе кои се под секојдневна закана да бидат жртви на вирусот, иако не на оној најочигледниот начин. За тие луѓе, заедницата е од исклучителна важност и баш затоа мораме да изнајдеме нови методи за поддршка и помош.

Подолу се излистани сите постоечки сервиси поделени по градови:

Скопје

Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје

Специјализиран тим за постапување по итни предмети од ранливи категории 076 381 762 и 078 230 943 (работи 24/7)

Служба за брак и семејство и заштита од семејно насилство 075 295 118

Полиција 192

Сервиси за психосоцијална помош и поддршка

Прв семеен центар на Град Скопје, 02/ 3200 007, секој работен ден од 11.00 до 18.00 часот

Институт Алтернатива, 077 791 100, секој работен ден од 09:00 – 16:00

СОС линија 02/15 315, достапна 24/7

Сервиси за бесплатна правна помош и поддршка

Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, 075 255 154, вторник, среда , четврток 09:00 – 17:00

Хелсиншки комитет, 072 278 436 и 02/ 3119 073, секој работен ден 09:00 – 14:00

Здружение на млади правници, 02/3220-870, секој работен ден 8.30 – 16.30

Тетово

Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово, Советувалиште за работа со жени жртви на родово базирано/семејно насилство, 078 837 111

Охрид

Меѓуопштински центар за социјална работа Охрид , Центар за жени жртви на родово базирано/семејно насилство, 071 231 032

Советувалиште за жени жртви на родово базирано/семејно насилство, 077 937 916

Штип

Меѓуопштински центар за социјална работа Штип, Советувалиште за работа со жени жртви на родово базирано/семејно насилство 076 475 052

Кризен центар за жени жртви на родово базирано/семејно насилство 24/48 часа, 076 475 050

Куманово

Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово, Советувалиште за работа со жени жртви на родово базирано/семејно насилство, 077 993 705

Велес

Меѓуопштински центар за социјална работа Велес, Центар за жени жртви на родово базирано/ семејно насилство 076 340 225

Организација на жени на општина Велес, бесплатна правна помош како и психолошка помош, 070 645 318 и 075 603 348

Кавадарци

Меѓуопштински центар за социјална работа Кавадарци, Советувалиште за работа со жени жртви на родово базирано/семејно насилство, 078 298 015

Прилеп

Меѓуопштински центар за социјална работа Прилеп, Советувалиште за работа со жени жртви на родово базирано/семејно насилство, 075 847 999

Кризен центар за жртви 24/48 часа, 078 289 427

Битола

Меѓуопштински центар за социјална работа Битола, Советувалиште за работа со жени жртви на родово базирано/семејно насилство, 071 397 875

Центар за жени жртви на родово базирано и семејно насилство, 071 397 145

Свети Николе

Меѓуопштински центар за социјална работа Свети Николе, Центар за жени жртви на родово базирано и семејно насилство, 070 210 995 и 032 443 305

Кочани

Меѓуопштински центар за социјална работа Кочани, Центар за жени жртви на родово базирано и семејно насилство, 033 274 141 и 033 274 139

Струмица

Здружение на граѓани Скај плус Струмица, Центар за жени жртви на семејно насилство, 078 453 190

¹Бројот се однесува на фемицидите. Извор: Анализа на случаи на фемициди – убиства на жени
во Република Македонија

Калиа Димитрова

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11755 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.