Со неверојатен настап, Магдалена Ѓорѓиовска од танцовиот клуб „Брејк А Лег“ го освои високото четврто место на Светското првенство во хип-хоп, што оваа година се одржа во Словенија.
16-годишната девојка, меѓу 178 натпреварувачи во својата категорија, успеа да се пласира во големото финале и да ја претстави Македонија како вистински шампион.
Со танц почнала да се занимава уште на пет и пол години, а веќе единаесет години со огромна посветеност и љубов кон сцената го гради својот пат. За Фемина, Магдалена открива дека зад овој успех стои не само талент, туку и огромен труд и дисциплина:
„За ова Светско првенство имав голема цел и мотивација и започнав со вежбање уште кога заврши претходното Светско првенство, во октомври минатата година. Цело лето кога сите одмараа, јас тренирав. Можам со сигурност да кажам дека имам вложено премногу труд и посветеност. Константно имав интензивни тренинзи, посетував часови и семинари од врвни професионални танчери и секогаш имав консултација и помош од моите тренери Андријана Јаневска и Јоана Попоска, на кои сум бескрајно благодарна. Да бидам искрена се надевав дека барем ќе бидам меѓу најдобрите 7 во светот, поради тоа што тоа е целта кога се оди на ваков тип на натпреварување, да се постигне највисокиот успех.“
@breakaleg.studio @magdee HipHop Battles - @IDO World Dance World Championship 2025 #fyp #hiphopdance #dancevideo #viralvideos ♬ original sound - Break A Leg Studio
Исполнета со гордост и радост, Магдалена вели дека оваа победа е исполнување на нејзиниот долгогодишен сон, но и само почеток на ново поглавје – со уште поголема амбиција да го освои пиедесталот на светски првак.
Најголема поддршка, како што вели, ѝ се мајка ѝ, која секојдневно стои зад неа, вложувајќи сѐ за нејзиниот напредок и менаџерот на студиото „Брејк А Лег“, Трајче Петковски. Не ја заборава ниту својата тренерска екипа и целиот тим со кој ја дели оваа голема победа.
Освен што е посветена танчерка, Магдалена е и одлична ученичка со просек 5.00 во втора година во СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Иако сонува за кариера во танцот, сака и академски да се надогради, а еден ден можеби да стане и правник.
„Еден од најголемите сонови во мојот живот е да бидам светски професионален танчер и некој ден мои кореографии да се играат на сцена, а и јас самата да застанам покрај светски ѕвезди и да одржам вистински перформанс. Би сакала да бидам тренер на успешна група и да можам моето искуство да го споделам со други танчери кои можеби имаат некои пречки и потешкотии кои веќе сум ги поминала. Покрај танцот, би сакала моето образование да го продолжам и да завршам факултет.“
Со својата посветеност, труд и зрелост, оваа млада танчерка е вистински пример за тоа како соништата се исполнуваат, кога во нив ќе вложиш срце, време и целосна верба во себе.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
