Родителството е највозвишената, но и најкомплицираната улога што ни ја доверува животот. А денес, како никогаш претходно, родителите се потиснати од безброј дилеми, недоумици, сомнежи и предизвици, па се во константна потрага по одговори и решенија кои се најдобри за децата.
Токму затоа Халки Поткаст за кратко време се претвори во омилен водич на мајките и татковците кои се отворени за нови гледишта и насоки и се желни да учат. Низ инспиративниот медиумски проект се испреплетуваат гласовите на семејни советници, психолози, актери, музичари, но и деца, чии искуства, совети и приказни нè инспирираат и ни даваат алатки за да се подобриме во најважните животни улоги.

Водителката Катерина Димова, која по професија е семеен советник, со топол глас, проникливи прашања и практични совети креира атмосфера во која гостите зборуваат со срце, далеку од формални шаблони.
Реализиран од Халкбанк, како дел од платформата за детско штедење „Халки“, поткастот е вистинска ризница на моќни лекции, меѓу кои ги издвоивме:
Секој родител расте со своето дете.
Тоа е една феноменална работа. Претпоставувам дека никој не може да те подготви колку е тоа убаво, колку е значајно, колку е повеќе од животот додека сам не го доживееш. Да бидеш родител е магија.
Софиа Насевска – Трифуновска, актерка
Односите со баба и дедо се од исклучително значење.
Едни од моите поубави сеќавања и односи што сум ги имала се со баба ми и дедо ми. Јас со нив го поминав целото детство, секој викенд бев кај нив. Од дедо ми ми е останато да излезам секогаш после дожд и секогаш го практикувам тоа со моите деца. Тоа се некои работи кои се драгоцени и не можеш да ги имаш само со мама и тато.
Софиа Насевска – Трифуновска, актерка
Дете коешто верува во себе претходно имало родители кои верувале тие во себе и во тоа дете.
Катерина Димова, семеен советник
Кога мама и тато кажуваат убави зборови, децата го негуваат тој речник на убави зборови.
Мама и тато пофалуваат и овие деца знаат да се свртат кон мама и да кажат: „Ти си убава, успешна...“. Затоа што пофалбите ни се важни на сите нас.
Катерина Димова, семеен советник
Ние пред да станеме родители, прво сме биле партнери.
Партнерите треба да се потсетуваат секојдневно дека во суштина негувањето на бракот/партнерството може да помогне да станеме секојдневно подобри родители.
Зорица Николова, психотерапевт
Децата се високо чувствителни за целата енергија која се случува во домот.
Така што, доколку имаме емоционално дистанцирање меѓу партнерите, верувајте детето сигурно ќе го искуси тоа... Многупати сме имале тинејџери кои ќе кажат: „јас не знам зошто досега мама и тато не се разделиле“. Колку и да е тешко да се зборува, ова е нешто што го слушаме многу редовно.
Зорица Николова, психотерапевт
Со гушкање сè поминува.
Кога некое другарче е тажно, се сочувствувам со него и пробувам да му помогнам некако за да не биде повеќе тажно.
9-годишната Лара Јовановски
Двоумењето и колебањето се нормален дел од родителството.
А тоа дека ќе се двоумам и ќе се колебам цел живот дали сум постапил правилно и дали правилно ги воспитувам и дали одлуките мои биле на место и дали начинот на презентација и вокабуларот, изборот на зборови, бил правилниот, мислам дека цел живот ќе се колебам и двоумам. Ама мислам тоа е дел од родителството.
Гораст Цветковски, актер
Сè додека си вистински и вистински го покажуваш чувството и се совпадне тоа што мислиш, чувствуваш и кажуваш – тие три работи – ти си едност.
Можете кај вас да си забележите, јас си забележувам кај себе. Ако некогаш нешто мислам, друго чувствувам, трето кажувам, тоа значи јас сум хаос. Се лажам сам себе, а потоа и другите.
Тони Зен, музичар
Вие сте експертот за вашето дете.
Не може никој да биде експерт за нашите деца, ние сме, затоа што ние најдобро ги познаваме.
Елена Граматикова, семеен советник
Границите се многу потребни.
И децата ги сакаат границите, затоа што токму тие воспитни граници им даваат сигурност.
Елена Граматикова, семеен советник
Детето скоро секогаш ќе пројави симптом кога се случува нешто во партнерската релација на родителите.
Тоа ќе зависи од возраста на детето, може да се случи повлекување, опозиционалност, агресивно однесување, зголемена несигурност, а често може да се случи зголемена потреба од внимание и тоа внимание да се бара на разно-разни начини. Еден од честите случаи со кои и во мојата пракса се имам сретнато е децата да ја заземат улогата да бидат родители на своите родители.
Александра Стојановска, психолог
Преку вашето партнерство, вие му давате на детето пример како треба да изгледа една партнерска релација.
Како треба во иднина да ги гради своите партнерски релации, кои се вредностите, како тоа функционира... Да може да препознае како некој се чувствува кога е во функционална врска.
Александра Стојановска, психолог
Не мора секогаш да се стремиме кон идеал кој не постои.
Не мора секогаш средени да излегуваме од дома. Не мора секогаш дома да ни е совршено чисто. Не мора децата секогаш совршено добро да ни се испеглани за во градинка.
Данче Азманова Мирчевска, основачка на Working Mom
Сите епизоди на Халки Поткаст се достапни на платформите YouTube, Spotify и Podcasts.mk.