Почетна » Колумни » Сензорни авантури » Што кога отсуството на говор е само симптом, не и дијагноза?

Што кога отсуството на говор е само симптом, не и дијагноза?

Раната интервенција кај децата

„Мало е. Чекај уште година-две.“

Раната стимулација е од огромно значење за децата, а сепак, сè почесто го слушам ова.

Зошто се чека?

Доколку стручно лице далo соодветен одговор на сите прашања и ги разрешилo сите сомнежи и стравови на родителот, ОК.

Но!

Кај нас првиот одговор од педијатарот за ова прашање беше токму „чекајте 1-2 години“ и се покажа како сосема погрешно. Затоа, побарав второ мислење и побарав термин кај стручно лице кое врши целокупна проценка на развојот. Мислењето на педијатарот, на жалост, се покажа целосно погрешно.

Дете

Детето има потешкотии и дефицити. Што понатаму?

Иако често слушам дека во моментот кога родителот ќе примети дека детето се соочува со проблеми и покажува отстапки во развојот, кои најчесто за родителот на почетокот се видливи само преку говорот, треба да посети логопед, нашето искуство е поинакво.

Првичната реакција, и покрај тоа што бев свесна дека постои целокупно нетипично однесување за возраста, беше да посетиме логопед. Сите стручни лица со кои подоцна се консултиравме ме коригираа. Нивниот одговор беше да дозволиме стручно лице да процени дали е само говорот или и нешто плус.

Прва дестинација беше лице кое може да изврши целокупна проценка на рaзвојот, чиј дел секако беше и говорот.

Многу моменти, како немање контакт со очи, нереагирање на името, селективно реагирање на команди, хиперактивност, недостаток на концентрација, различни тикови и движења со рачињата, лоша ориентација во простор, консумирање само на пасирана храна на возраст кога треба да се јаде и цврста, сензорна осетливост итн. се и те како важни моменти на кои паралелно треба да се работи.

Логопедот всушност не беше ниту втората дестинација.

Проверка на слухот беше неопходна пред да се започне со каков било логопедски третман. Многу дечиња, баш во оваа најмала возраст, имаат проблеми со истиот поради честите инфекции, вода во увото и сл. и сето тоа влијае на слухот, но и на говорот.

Дете Дете

Пред да се посети логопедот, потребно е да се знае дали постои некаков проблем од органска природа кој го оневозможува детето да слуша, а и правилно да говори, но и проценка на другите сфери од развојот за да се избере соодветниот пристап.

Пристапот на логопедот кон дете кое има проблем само со говорот како последица на оштетен слух е еден.
Пристапот на логопедот кон дете кое има некаков вид на оштетување или проблем од органска природа е друг.
Пристапот на логопедот кон дете кое покажува дефицити во сите горенаведени сфери и има индикации дека е во спектарот е трет.
Пристапот на логопед кон дете со диспраксија или слични состојби е четврт.

Потребна и неопходна е целокупна проценка на развојот за да се одбере вистинскиот индивидуален пристап во терапијата, целосно прилагоден на детето и неговата состојба и потребите, за успехот да биде гарантиран и максимален.

Што е вистинското за моето дете?

Прво и основно е да биде во вистински раце, а со тоа мислам кај тим од стручни лица.

Доколку се установи дека детето има проблем само со говорот, изберете логопед во кој имате доверба и чии резултати се видливи. Доколку проблемот е последица на проблеми со слухот, изборот на вистински ОРЛ е исто така неопходен.

Доколку освен говорот детето се соочува со листа од други проблеми, негирањето на истите поради срам што ќе каже народот или комшиите или сл. е на штета на детето.

Барајте ја и прифатете ја секоја помош и третмани кои стојат на располагање.

Дете Дете

Добивам впечаток дека некогаш е полесно да се каже дека детето посетува логопед наместо психолог или дефектолог.

Зошто?

И не, не е срамота да се тропне на секоја врата и детето да се однесе кај секој можен специјалист и да се пробаат сите потребни третмани. Срамота е доколку му го скратиме сето тоа или ги игнорираме неговите потреби.

Дете кое хаотично трча низ просторијата и треба буквално да се бркаат со логопедот, дете кое не успева да оствари никаков контакт со очи и има слаба концентрација, дете кое се соочува со сензорни нарушувања… ќе има потешкотии да дојде до успех и во логопедските третмани доколку не посетува истовремено дефектолог.

Заедничката работа и комуникација помеѓу нив е неопходна.

Логопедот си има своја сфера на работа, а дефектологот своја. Во овој случај, едниот не може да ја надомести или замени работата на другиот, потребно е нивно надополнување за побрзо да се дојде до успехот.

Активната работа со терапевти кај ќерката започна од 2 години.

И не, дете од 2г не е премало да почне со третмани.

Интензивна работа со логопед, дефектолог, физиотерапевт и психолог. Викенд пливање и јавање коњи.

Турбо. Се препорачува и домашно милениче.

Зошто се решивме за ваков интензивен и сестран третман?

Бидејќи беше потребен пред сè.

Проценката детектираше дефицити во сите можни сфери и колку и да беше истото болно и тешко за нас како родители, ги прифативме сите препораки и насоки.

Детето не зборуваше, на тоа работеше логопед.

Имаше проблеми со концентрацијата, фокусот, контактот со очи, реакцијата на име и команди, сензорни проблеми, па околу истите работеше и со дефектолог.

За лошо држење на телото, нестабилен од на прсти, лош баланс, мека мускулатура (не било детево живо и хиперактивно, друго име имаа терапевтите), работеше со физиотерапевт.

И на крај, беше вклучен и психологот пред сè поради сè претходно и многу повеќе. Термини на кои и јас добивав советувања за сè низ кое поминуваше детето, но и ние како родители со него.

Имавме фази кога телевизорот беше „расипан“ со месеци, потоа следеа и години со отфрлање или минимализирање на времето поминато пред истиот. Ритамот на живот беше целосно променет и најпрво започнавме со прошетки во природа за време на викенд, а потоа станаа и дел од нашето секојдневие. Дома беше воспоставена една нова рутина и друг тип на секојдневие каде треба секојдневно активно да се работи со детето.

Дете

Терапевтите не се магионичари

Токму така, очекуваме, се надеваме, молиме на чуда, но треба и нешто повеќе од тоа за истите да се случат.

Секое дете е приказна себе, секоја состојба и дијагноза е посебна и начинот на кој детето ќе реагира на еден третман тешко може да се предвиди.

Но, наше е да го дадеме максимумот и да ја прилагодиме средината на неговите потреби и да ги овозможиме неопходните третмани.

Работата во домот, како дополнување на онаа на стручните лица и отфрлање или минимализирање на времето поминато пред екраните, надополнето со активностите во природа.

Доколку вие или ваши блиски се соочуваат со проблем од овој или сличен тип, слободно контактирајте ме на Dani Elisabeth (@oursensoryfamily) и бидете сведоци на сите активности кои изминатава година беа дел од нашето секојдневие и помогнаа во надминување на голем дел од горенаведените дефицити.

Споделете со надеж дека оваа порака ќе допре до што повеќе родители.

*Продолжува*

Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11162 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.