Мирисање оригами

Сурат-книга

Деновиве начнав тема поради која вреснаа неколкумина. Станува збор за опсесивните мајки кои „закачуваат“ по 16 албуми на фејсбук со стотици слики од своето дете.

Покрај секоја задолжително оди и објаснување, во случај да не се збуниме што прави малечкото.

„Јас и мојата Мацуфка во Зоо“.

„Срцушката се бања на плажа“.

„Мацана на нокшир“.

„Ангелот мој спие“.

„Погледнете што какнавме денес“ (сликовито приложена пелена, после изгледа некој ја предупреди дека лази по границите на општа бизарност, па ја отстрани таа глетка).

Драги жени, зарем сметате дека сте први и последни на светот што имате дете?

Чиниш од сам зародиш ги креирате да се чувствуваат најпосебни и над сите останати, па затоа на крајот неретко си имаме работа со тотални морончиња, на кои мама катаден им велела дека се – најубави, најпаметни, најбистри, едни тие на мајка!

Ќе размислите ли некогаш за пресекување на папочната врвка на време? Ќе им дозволите ли на децата да дишат, ќе им оставите ли доволно простор да се развијат во здрави, самостојни и зрели индивидуи, наместо во мочковци, мамини синчињa, татини принцези, плачковци и лигуши?

Сериозно нешто не е во ред со овие жени. Не ја разбирам таа опсесивна желба да го покажеш своето неродено бебе пред светот, додека уште се препелка во матката. Што би рекла наша пријателка – што е следно, докторот со апарат да ти се насочи накај дундата додека го раѓаш, за да го овековечиш моментот за на фејсбук?

Дали другата мајка што не „обесува“ по 116 фотографии во денот е случајно незагрижена, непосветена или не си го сака своето дете доволно?

Се изврте концептот за мајчинска љубов и дете. За мекици, за прв роденден, за големи празници кои треба да се интимни и да се споделат во најблискиот семеен круг.

Наместо тоа, ние ја изложуваме нашата интимна приватност пред грст непознати, се сладиме со „лајкови“, си го полниме егото со туѓи коментари или дозволуваме истите да ја диктираат прогнозата на нашиот ден.

Ако мислите дека само мајките се за ќотек, сте за излажале.

Споделување фотографии

Тоа се сите оние кои во виртуелниот свет парадираат во долна облека, додека некој непознат им нуди 500-че за да ги проба, а разголениве потајно си се воодушевуваат за способноста да возбудат непознати перверзни мажјаци. Светот сериозно оди во неповрат кога ти ласка фактот што некој ти нуди пари за да му се соблечеш докрај.

Тоа се сите инстант-репортери и известувачи кои вршат директен сликовит пренос од својот дом, оние кои не го пробуваат јадењето за жива глава додека не го сликаат за Инстаграм, тие кои „твитаат“ додека прстите не им отечат и веќе немаат умни мисли за кажување пред светот.

Луѓе кои споделувањето на патетично глупави поговорки од Семе Синапово со светкава декорација го сметаат за светиот грал на битисување, сите кои задолжително имаат албум „Summer 2013“ со фотографии кои не се добројуваат.

Добро, што правевте на тој одмор освен што позиравте и нè известувавте за секој ваш следен чекор директно од местото на настанот, за да бидеме во тек?

Деновиве сум повторно во интензивна вечерна дружба со Friends, затоа што ми е празник на душичката кога гледам среќни лица. За волја на вистината, само во ТВ серии останаа да ги гледаш, ретко на друго место.

Си размислувам колку им е убава дружбата, неизнасилена и опуштена, иако нели е производ на имагинација и сфаќам дека тоа се должи на отсуството на фејсбуци, твитери, инстаграми.

Едноставно луѓето се дружат и уживаат, прават нормални работи лишени од обврската на секои 15 секунди да извикуваат „фоткаааааа“, па чекање да ја „закачи“ на фејсбук во истиот момент молам, па да се означат сите со ред, па да ја „чекираат“ својата локација...

Кога конечно ќе се договориме да излеземе и ќе ја избегнеме онаа задолжителна 10-минутна свечена тишина кога секој се задлабочува во својот мобилен телефон?

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11075 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.