Мирисање оригами

Синџир на моќ

Ако поимот мобинг пред неколку години претставуваше непозната именка, денес е нерешлива равенка со многу непознати.

Кога сум тажна, обично гледам вести или прелистувам некој дневен весник, од проста причина што ме засмејуваат. Таму налетувам на прилози и статии кои известуваат за двотретинско мнозинство на угнетени работници и занемарени работнички права во Македонија. Како да известуваат за некоја ситуација во Замбија, а не за умствениот терор во сопствената држава. Така сувопарно и ноншалантно, просто човек да не поверува дека се случува. Како имагинарна бајка која нè не допира, ниту засега.

На големо се пишува за стресот и напнатоста кои секојдневно ги доживуваат работниците и тука завршуваат сите овие приказни. Лек и чаре, нема.

Мобинг

Гневна сум кога не можат да сфатат со какви проблеми и стресови секојдневно се соочуваме на работното место. Многу јасно дека не можат да сфатат, па макар земеш молив да им нацрташ. Порано се знаело, завршува работното време и си одиш дома. Што си сработил, си сработил, остатокот ќе го доработиш утре. Или задутре. Или некогаш, а можеби и никогаш. Зашто ништо не е „за вчера“, како што љубат да трубат денешните работодавците. Да не случајно ги лоцирале на мобилен или им праќале по 20 мејлови за време на викендот или после работното време?

Работодавецот денес го има статусот на семоќен бог. Тој е твојот господар, а ти покорен слуга. Покрај тоа што молкум и експресно брзо мора да ги извршуваш сите задолженија, ти мора да бидеш и читач на мисли, предвидувач на иднината и центар за управување со кризи.

Многумина ги мешаат работниците со свои лични асистенти. Така, неретко нема да бидеш поштеден од плаќање туѓи сметки, земање деца од градинка или училиште, купување работи за домаќинството на директорот. Зашто како можам да живеам мирно, без грижа на совест, ако знам дека на мојот претпоставен не му работи бојлерот?

Неисполнети ветувања и неисплатени бонуси, сервирани лаги, навреди и омаловажувања. Некогаш отворени, а некогаш индиректно суптилни. Тоа се оние бодликави и зајадливи зборови кои умеат да ти го расипат денот и да ти измамат некоја солза.

Добре дојдовте во мојата убава татковина, каде што работодавците се крвопии специјално дизајнирани да си го замразите сопствениот живот и нервно да оболите пред 35-тата година, терајќи ве да си ги преиспитате сопствените квалитети и способности. Затоа што никогаш нема да бидете доволно добри, вредни и работливи за нив.

Слично како што нивните шеги и досетки никогаш не се доволно добри и ниту малку интелигентно смешни, а тие упорно очекуваат да гракнете во смеа.

И не знам што има чудно во тоа што работниците не сакаат да остануваат прекувремено, кога нема реална потреба за тоа. Или зошто им значи викендот или зошто не сакаат повици во глувата доба од ноќта или за време на годишниот одмор.

Затоа што си имаме живот. Затоа што ни значи секој слободен миг кој претставува драгоцено време со своето семејство и најблиските сакани луѓе. Затоа што не ни светкаат евра, наместо зеници во окото. Затоа што некој не сака да го жртвува времето со своите деца, а друг да ја пропушти свадбата на најдобриот пријател, по цена на работата.

Кој вам драги работодавци ви е виновен што сте среброљупци или немате маж, жена, дечко, девојка, маче, куче или саксиско растение кое ве чека да се вратите дома? Треба ли целосната празнина во вашите животи да ја пополнувате со константно малтретирање на нечии туѓи?

Зошто го мразам денешното време?

Затоа што кога конечно ќе се докопаш до некаква работа, те тераат да зажалиш зошто воопшто си ја барал и посакувал. Потоа, ти наметнуваат вина, како не ти е срам да се жалиш, кога некој плаче и моли за истата. Токму поради тоа, молкум и со наведната глава ќе ги голташ сите наредби и задолженија. Треба да чувствуваш неизмерна благодарност и среќа што имаш можност да заработиш за парче леб, макар по цена на своето ментално и физичко здравје.

Затоа што не поминува ден, а господата работодавци да не те потсетат дека „никој не е незаменлив“, и „многумина чекаат да бидат на твоето место“, па така среќно си играат јо-јо со цифрите на твојата плата или вешто манипулираат со биолошкиот часовник на женскиот репродуктивен систем.

Драги сегашни и идни работодавци...

Се надевам имате деца, кои некогаш на свој грб ќе го почувствуваат товарот, непочитта и неблагодарноста кои го сервирате во ладна чинија на своите поданици, за појадок, ручек, вечера и ужина.

Па продолжете да се прашувате, зошто никој не бара репете?

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10614 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.