Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Запознај ја татковината, за да ја сакаш повеќе
Мирисање оригами

Запознај ја татковината, за да ја сакаш повеќе

Мајка ми ја повторуваше оваа реченица порано како некоја строго утврдена мисловна мантра. Морам да признам дека не ја сфаќав или не сакав да ја сфатам.

Ми звучеше бесмислено – си ја сакам татковината, што има тука повеќе?

Во време како денешново, кога сите сакани и блиски заминуваат и се чудиме кој ќе остане да ја исклучи сијалицата, зарем немате чувство дека сте како некој продавач на ѓевречиња на прометна автобуска станица кој ги моли луѓето да не заминуваат оттука, само заради убавината на ситниот мирисен сусам?

Македонија

Но, пред да ја насочам колумната кон црнила и кукумјавчење, да се вратам на оригиналната идеја. Убавините на татковината, идеја која згаснува и се брише неосетно, додека не стане сосема непозната равенка.

За некои вистинскиот одмор и релаксација подразбира викенд и шопинг во Солун, за други пиење кафе на Кнез Михајлова. Други со подлабок џеб пикираат егзотични локации, а трети тврдат дека не вкусиле поубав сладолед од оној во Италија.

И тоа е сосема в ред, прекрасно е да излезе надвор и да се прошета. Патувањата на различни дестинации ти дозволуваат да го отвориш погледот, да вкусиш туѓа култура, да визуелизираш различности, да си го нахраниш погледот, умот и душата, а богами и стомакот.

Но, одвреме-навреме ви препорачувам да се прошетате низ нашата татковина и да дозволите пријатно да ве изненади.

Тука ќе ги занемарам безобразно скапите цени во Охрид или негостољубивоста на одредени домаќини. Ќе се сконцентрирам само на добрите страни, а ги има во прилично голем број.

Неодамна поминавме викенд во Љубаништа и останавме опиени од природната едноставна убавина која го краси пределот. Камповите кои гнијат и се немилосрдно оставени како трули споменици на некое среќно минато време не може да ја оспорат неверојатната магична глетка кон Галичица, дивите плажи и кристално чистата вода.

Фрлете на тоа неколку рипчиња на скара и добро друштво и ќе добиете спомени вредни за врамување во фото албум.

Веројатно нема замена за остриот свеж мавровски воздух кој ги сече магливите утра или магичниот пејзаж на Галичник кој потсетува на време илустрирано во Македонските народни приказни.

Беровското Езеро ќе ви понуди мир за душата, а боровата шума ќе ве натера да се вратите по репете порција чист кислород.

Карневалот во Струмица ќе ве расположи бидејќи е синоним за добра забава, нови познанства и пријателства. А Вевчани велат било како од бајка. Тоа е мојата следна дестинација, покрај Куклица и Смоларските водопади.

Нормално е дека имаме многу фалинки и не можеме да се пофалиме со совршена организација или уредност кога станува збор за интересни туристички локации. Македонскиот синдром работи и прекувремено за да ја замати убавата слика со ѓубре, лоши патишта, апаши што сакаат да профитираат од ништо.

Но, за момент сакам да заборавам на сето тоа. Бидејќи само така ќе ги вкусите велешките ќебапи, штипските пастрмајлии или охридското ѓомлезе и ќе научите да мезите безгрижно долго со неготинска ракија.

Следниот пат кога ќе добиете покана за панаѓур, карневал или пастрмајлијада во срцето на Републиката, не двоумете се. Урнете ги сопствените предрасуди и тргнете во мисија да си ја запознаете и засакате татковината.

Или одново да се вљубите, доколку веќе ја сакате.

Убавината лежи онаму каде што ќе се решите да ја пронајдете.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9531 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.