Почетна » Колумни » Мирисање оригами » За македонските работи
Мирисање оригами

За македонските работи

Напредната технологија и дигитализацијата со која се обвиткани сите некогашни обични работи почнаа да им се закануваат на најомилените парчиња радост – книгите.

Одбивам да верувам дека за неколку години најголем дел од луѓето ќе шетаат со правоаголна плочка пред себе и оттаму ќе ја црпат радоста, тагата и знаењето.

Единствената верзија на книгата која ја признавам е книжната и слободно наречете ме будала или застарен модел на размислување.

Помеѓу најубавите мириси за кои вреди да се живее, покрај оној на печени пиперки и цутот на липите, лично јас го вбројувам и мирисот на книгите. Верувам дека Милчо Манчевски не би имал ништо против.

Душата ми се смалува колку маково зрно кога ги слушам младите генерации како си го навредуваат мајчиниот јазик и ги оценуваат часовите по македонски како напорни, досадни и непотребни. Некои дури се дрзнуваат да кажат дека предметот треба да се укине од наставата.

Книги

Мајчиниот јазик и неговите дијалекти се нашите културни скапоцености. Тој е обележје, симбол, идентитет и некој во минатото крваво се борел за да денес го зборуваме јазикот од прадедовци, наместо да нижиме туѓи букви и зборови.

Дел од вината ја наоѓам во професорите по македонски јазик. Тие треба да инспирираат и подучуваат, да всадат љубов кон пишаниот збор, да ја пренесат визијата на браќата Кирил и Методиј, Мисирков, Конески и да направат умствена наслада и од обичен час по граматика.

Парче од колачот на вината им припаѓа и на родителите. Би било добро да се потрудат внимателно да ја илустрираат вредноста на мајчиниот јазик, за да конечно престане множењето на генерации кои со потсмев се изјаснуваат дека последната прочитана книга им е Зоки Поки или Касни порасни.

Не, не е смешно, напротив, навистина е тажно.

Љубовта кон книгите е како ниедна друга. Таа е можеби најскапата дрога на која може да се навлечете, а зависноста трае засекогаш. Читам затоа што книгите ми буричкаат во фантазијата и ми го предизвикуваат умот.

Со вртење на секоја нова страница се подаваат нови светови кои чекаат да бидат прочитани, вкусени и помирисани. Читањето книги е најдоброто потрошено време во самотија, а квалитетната домашна литература е шлагот на тортата.

Навистина не си добар човек ако не си ги прочитал барем еднаш генијалните стихови за Дениција или ненадминатиот Пиреј.

Привилегијата да читаш и да се изразуваш на сопствениот мајчин јазик е непроценливо скапоцена.

Тука ќе ги исклучам сите осакатени преводи и лошо лекторирани нови изданија, но дури и во нив пронаоѓам некаква скриена радост. Тоа е можноста да ги увидиш грешките, да сфатиш дека така не е правилно, а таквите недостатоци можеш да ги откриеш само доколку вистински си го познаваш и сакаш јазикот.

Многумина велат дека јазикот ни е сиромашен и неретко ни недостасуваат зборови.

Тврдам дека со алчно и жедно читање книги и бескомпромисна љубов кон јазикот многу поретко ќе се соочуваме со овој проблем. Зборови имаме и повеќе од доволно.

Ретко некому позајмувам книги, освен на оние кои знам дека ќе се однесуваат со почит кон истите. Знаете како некои девојки не сакаат да им се буричка во чевлите, парфемите, шминките? Јас сум веројатно таква само за книгите.

И им се поклонувам на сите кои последните пари ќе ги дадат за книга, наместо за друго материјално парче.

И на сите оние кои си го сакаат и ценат македонскиот јазик и не ја изгубиле надежта за неговата вредност.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9522 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.