Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Бабини деветини
Мирисање оригами

Бабини деветини

Ја гледаш како гордо чекори, зрела, еманципирана, интелектуално поткована и одеднаш се враќа и го менува правецот, заради тоа што црно маче ѝ го пресекло патот.

Во оваа наша чудесна земја на спротивности, додека ја дискутираме еволуцијата и феминизмот, силно копнееме по најновиот модел на мобилен телефон или таблет и се восхитуваме на сите последни модерни изуми, со истиот жар и леснотија потчукнуваме трипати во дрво, поплукуваме дечиња после кажан убав збор и се чуваме од оние со сино-зелени урокливи очи.

Црна мачка

Имав 7-8 години кога баба ми првпат нè однесе на бајачка. Братучед ми страдаше од крајници, а јас иако тогаш немав некои особени фалинки, ми пребајаа превентивно, против уроци. Прошетката до кај бабата што знае да бае ми делуваше така нормално, како бесплатна екскурзија со вклучена ужинка.

Викотниците и строгата забрана на мајка ми „да не се носат никогаш повеќе децата на бајачка“ ми дадоа до знаење дека сепак нешто не е в ред со овие пагански ритуали.

Што да се каже, не верувам во магии, насилно вљубување со специјални напивки и растурање на бракови со помош на гатачки. Чудни приказни за коски од кокошка пикнати во чевел ми делуваат смешно, прво, затоа што не верувам дека некој поседува таква ниска желба да напакости некому на таков начин, а второ, дека другиот е толку лековерен да поверува.

Суеверијата и бабините деветини одат рака под рака со мојот народ од памтивека. Бајачките и гатачките се први гласници на овие празноверни блебетања.

А ги има илјада и едно, поврзани со секаков тип на случување, забременување, раѓање, свадба, па дури и погреб.

Велат дека не можеш да судиш, додека маката не те натера да тропнеш на таква врата за помош. Не велам не.

Животот сервира лоши предизвици и ситуации специјално дизајнирани да ти ја тестираат вербата и логиката.

Но, останувам на своето, дека помошта сепак не може да дојде од оној кој ти бара 25 ден. + ДДВ за SMS-порака во која ќе ја споделиш твојата мака. Оној кој има специјален тарифник кој ти посакува добредојде на влезот, додека срцето ти се грчи од неволјата која те гризе.

Сепак и најсилните понекогаш потклекнуваат. Жив срам ме изеде откако првиот противник на бајачките инсистираше да ѝ кажам на младата мајка „Ми даде еврејче, ти вратив христијанче“, откако го вративме бебето од крштевка. Или ми истури лонче позади мене кога тргнав во прво одделение. Или е убедена дека можам да се препнам и на нацртана линија, само затоа што не ми направила колачиња во облик на стапало кога сум се родила.

Куку нас. Жено, зарем не треба да бидеш гласот на разумот?

За мене лично, доколку тргнеш по тој пат, нема враќање.

Ми делува како морбиден лавиринт, во кој не ти даваат магично клопче кое би те однело до излезот. Те оставаат со испран мозок и празен паричник, навидум цврста верба и ненаситен апетит со кој бараш уште. Бладаш и се враќаш по репете порција.

А лажговците кои ја искористуваат слабоста на луѓето, си играат со нивната мака и дебело ја наплаќаат не се ништо повеќе од обични шарлатани и криминалци.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.