Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Ќе ме дочекаат според облеката, ќе ме испратат според умот
Ловец на приказни

Ќе ме дочекаат според облеката, ќе ме испратат според умот

Сите сме сретнале фасцинантни луѓе во нашиот живот, кои по своите убедувања или начин на живот се разликуваат од сите останати. Но, за жал ваквите примероци се малку! Некои од нив се третирани како црни овци во општеството. Интересно е како човекот ако не се облекува или однесува како што очекува околината, тогаш е исмејуван, или не е прифатен од заедницата. Најверојатно луѓето се чувствуваат безбедно кога со ништо не се издвојуваат од толпата, кога имаат чувство дека припаѓаат некаде. Полесно се живее како медиокритет отколку како црна овца.

Маж

Еден мој фасцинантен пријател е една интересна личност, претерано храбар, самоуверен човек, подвижна енциклопедија. Тоа е човек кој не сака да фрла пари за облека, така што со години знаеше да носи исти парчиња. Според него, парите за крпчиња, како што знаеше да ја нарекува облеката, беа пари фрлени во ветер.

Секоја пара ја инвестираше во купување книги. Неговиот дом беше преплавен со книги. За жал веќе не живее во државава. Интересно беше што кога ќе се појавеше во друштво на луѓе кои не го познаваа со неговата надворешност им оставаше впечаток на сиромашен човек кој едвај скрпил нешто да облече. Повеќето го гледаа со презир, затоа што најверојатно го проценуваа според старата јакна или дотраените патики.

Секој се води од тоа дека е страшно сиромаштијата да ти чукне на врата, па затоа најдобро е таа да тропа на туѓите врати, никогаш на твојата. Како и секој човек, судиш според она што го гледаш, сè дури тоа што го гледаш не изусти нешто. Тој често знаеше горделиво да каже: „Ќе ме дочекаат според облеката, ќе ме испратат според умот“. Имаше моќ за само неколку минути да го сврти вниманието со интересните муабети или прашањата кои гласно ги поставуваше. Отвораше дебата, а на крајот секогаш поентираше со интересен заклучок.

Во тоа друштво, еден друг наш пријател, кој секогаш носеше брендирана облека и беше вистински кицош, често знаеше со потценување да се однесува кон него. „А бе клошар еден, што знаеш ти?“, знаеше често да му дофрли. Секако ова однесување никој не го одобруваше. Оти луѓето штом еднаш го запознаа овој човек, облеката веќе беше занемарлива.

Често си размислувам колку знаеме да бидеме површни и да носиме заклучоци според надворешниот изглед. Ќе излажам ако кажам дека ете мене не ми се случило да судам според надворешниот изглед. Затоа често си припомнувам за овој човек.

Еднаш мислам дека му дојде преку глава, иако беше многу умерен и внимателен со зборовите, му се сврти на кицошов и му рече: „Мислиш дека тие скапи Најки што ги носиш те прават попаметен или повреден од мене. Не пријателе, тоа е прашање на избор, ти одлучуваш да носиш скапи Најки, јас да купам добра книга. Мене не ми пречи што последна книга што си ја прочитал била Зоки Поки, мислам дека и тебе не треба да ти пречи што јас не носам Најки, туку евтини патики од пазар.“ Сите занемеа, а кицошов остана со зината уста, не знаејќи што да му одговори. Цел живот ќе ја паметам таа сцена, кога пријателов одржа уште една интересна лекција, за нетолеренцијата кон другиот што е поинаков од тебе и за сите предрасуди кои постојат.

Факт е дека облеката знае да нè разубави, но не може да ни даде содржина или да ни го отвори умот.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10602 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.