Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Чао баба, те сакам!
Ловец на приказни

Чао баба, те сакам!

Мојата сосетка има едно дете кое живее во Америка и тоа и е сѐ во животот. Мислам дека целиот живот му го посвети нему. Штедела, се лишила од комотен живот, ниту еднаш не била на одмор, за тој да добие добро образование во Америка, а со тоа да добие повеќе шанси во животот.

Жена

Веднаш, уште на влезот во нејзиниот дом, ќе ве пречека урамена слика, од нејзиното синче кога било момче, сега е веќе возрасен маж. Во дневната соба пак, на комодата, се ставени фотографии од целото негово семејство, со снаата и двете внучиња. Според неа, тоа е најскапоценото нешто што го поседува во станот.

Често си помислувам дали воопшто е свесен нејзиниот син каква жртва има направено оваа жена за него. Сега тој е успешен човек, работи во некоја добра компанија, заработува добра плата и живее многу убав живот. Таму, тој е еден од ретките кои добро се снашле на Запад, а без притоа да работи физичка работа.

Честопати кога одам кај неа, на компјутерот е пуштен видео клип од нејзината внука. Тој клип го имам видено можеби сто пати. Слатко девојченце со долга косичка во убаво фустанче, се клати и со рачето ѝ мавта на баба, на крај ѝ праќа бакнежи: „Чао баба, те сакам“. И секогаш кога ќе го видам ова девојче, ме обземаат емоции. Таа ми вели: „Види, види си го пуштам видеово по неколку пати, како тука да ми е внука ми, ми прави друштво“. Ќе ѝ се насолзат очите, па ќе продолжи да зборува, загледана во видеото.

Срцето ми се кине кога ја гледам оваа осамена жена, која живее за неколку збора од нејзината внука. Не знаете какви работи прави оваа очајна мајка. Често седи до компјутерот со надеж дека нејзиното чедо ќе се сети на неа. Знам дека гледа оти синот е вклучен на скајп, но таа не му пишува за да не го вознемири, туку чека нему да му текне, а како често бива, тој си има некоја друга работа, па таа некогаш ќе ја преседи ноќта на компјутер. Немојте да мислите дека таа ќе се налути, не, таа трпеливо чека, живее за тие неколку реченици што ќе ѝ ги каже тој или некој од внуците. Некогаш ќе поминат и недели дури некој ѝ напише нешто.

Во разговор со неа гледам дека ѝ тежи ако одамна не се слушнат, но не вели ништо, секогаш го оправдува синот дека има работа, и оти тоа е причината зошто нема време за мајка му. Некогаш ми доаѓа кришум да му се јавам за да му речам да ја побара за да не ја гледам како тагува. Еднаш ми раскажуваше како при секоја разделба со синот, потоа со денови дома не можела да јаде. Таа раскажува и плаче и јас плачам со неа. Вели: „Знаев дека засекогаш се разделивме кога најде добра работа, имав претчувство, и не се излажав“.

Кога ми раскажува за постигнувањата на нејзиниот син, скришум си размислувам која е формулата од своето дете да создадеш успешен човек кој ќе знае во животот сам да се бори. Да го оставиш да биде свое, да не му се наметнуваш, да го живее својот живот, а ти тивко да се повлечеш во својот. И јас имам деца и не знам како би поднела разделба со нив која би траела со години.

Отсекогаш сум ценела храбри мајки кои го пуштаат детето во виорот на животот, иако срцето им са раскинува на парчиња оти се делат од своето чедо, но ги теши фактот што тоа го прават за негово добро. Знам само дека мајката нема нешто што не би направила за своето дете. Што и да направиш, мајката секогаш ќе те сака и ќе ти прости, оти нејзината љубов е безусловна.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11083 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.